Дел од граѓаните од скопските населби Автокоманда, Железара, Хиподром, Триангла, кои топлинска енергија ја добиваат од „Енергетика ЕЛЕМ“, од март годинава ќе плаќаат повисоки сметки за парно-греење за речиси 35 проценти. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука од 1 март годинава да и одобри корекција на цените на парното греење на „Енергетика ЕЛЕМ“ за 34,87 отсто.
Според регулаторите, како резултат на зголемувањето на цената на природниот гас, дури два пати имаше корекција на цените за парното греење за „Топлификација“, а за „Енергетика ЕЛЕМ“ ова е прво покачување на цената.
Новата просечна цена за тарифните потрошувачи ќе изнесува 4,5196 денари за киловат-час. Одлука ќе важи од март, а на граѓаните повисоките сметки за парно-греење ќе им бидат испратени во април.
Инаку, „Енергетика ЕЛЕМ“ снабдува околу 3.000 корисници во населбите Автокоманда и Хиподром, а во целост ги покрива Железара и Триангла.
Регулаторната комисија за енергетика неодамна одлучи од јануари годинава да се коригира цената на парното греење, и тоа за 10,73 отсто за потрошувачите што се снабдуваат со топлинска енергија од топланите „Исток“, „Запад“ и „Центар“ и за 10,87 за топланата „Север“. Тогаш цената за парното греење од „Енергетика ЕЛЕМ“ остана непроменета.
Зголемувањето на цената на парното греење регулаторите го правдаа со зголемената цена на природниот гас за 19,6 отсто во последните месеци од минатата година и на намалената потрошувачка.
Наредната контрола на цената за парното греење ќе биде во јуни годинава.
Извор: Дневник