Електронскиот отпад е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме сите денес. Фактите велат дека справувањето со овој отпад е мошне покомплексно од справувањето со кој било друг отпад. Сето тоа е поради тоа што има голем број на отровни супстанции, токсични хемикалии и тешки метали во нив кои се подеднакво штетни како за животната средина, така и за човековото здравје. Имено, доста е пишувано на оваа тема за штетноста на електронскиот отпад. Сосема малку е потенцирано дека од друга страна тој ист електронски отпад, доколку третиран соодветно, може да биде извор за добивање на корисни материјали.
Трите главни материјали кои се добиваат од е-отпадот се металите, стаклото и пластиката. Се смета дека во настанатиот е-отпад има околу 50% необоени метали, околу 5% обоени метали и 20-25% пластика. Електронските плочи (Printed Wiring Boards – PWB) ја содржат најголемата количина на метали. Постојат 10 до 100 пати повеќе благородни метали во PWBs отколку во еднаква тежина на руда земени од рудник. Со развојот на технологијата природните резерви за овие материјали се намалуваат. Се смета дека индиумот ќе го снема во природата за шест до десет години. Проценките за бакар и за злато се на ова ниво. Доказ за ова се цените на бакарот, златото, паладаиум, иридиум кои се во постојан пораст во последните неколку години и нема најава за нивно намалување. Новите технологии, како новата генерација на смартфони, LED монитори, LED телевизори, компјутери, ајпади итн., не можат да бидат произведени без овие елементи. Како пример ќе земеме два материјали: злато и индиум.
Злато.
При традиционалните операции за откопување на злато, компанијата ќе треба да обработи 1 тон руда за да се извади 1 грам злато.
Денес ѝ се исплаќа на една компанија да ангажира луѓе, голем број на тешка и скапа механизација за вадење на злато. Но, преку далеку поедноставни и поевтини процеси на рециклирање, можно е да се извади иста количина на злато од 41 отфрлени мобилни телефони. Со мошне помал број на луѓе, значително помалце опрема и помалку енергија.
1ГРАМ ЗЛАТО = 41 МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН
(Пластика, стакло, бакар и други елементи кои можат да се најдат во мобилните, а кои се рециклираат додаваат плус на вредноста на мобилниот без разлика на старост или производителот на мобилнот.)
Индиум.
Индиумот е редок метал и е незаменлив во производството на рамни екрани и екрани чувствителни на допир. Со развојот на технологијата, посебно со развојот на смартфоните, ајпади, таблет и сл., потребите за Индиум се зголемуваат повеќекратно секоја година.