Заштитата на околината и екологијата до пред неколку години беше на маргините на опшествените случувања во Македонија. Денес сме сведоци на некои позитивни примери кои доаѓаат пред сè од страна на невладиниот сектор. Една од поголемите работи на ова поле кое се случуваа ова лето е кампањата на Балканската мрежа за застапување при управување со e – отпад.
Имено, се работи за мрежа од невладини организации кои се обединети под еден проект чија цел е да се подигне свеста кај населението за опасностите од електронскиот отпад, како и да се влијае врз одговорните институци да се ангажираат за решавање на овој проблем. Од бројните активности кои се организирани се добива впечаток дека речиси во секој дел од Македонија се слушна за проблемот со електронскиот отпад.
Сето тоа е благодарение на бројните НВО-а кои се дел од оваа мрежа, а се од различни делови на Македонија, кои преку свои кампањи го дадоа својот придонес. Организации кои се дел од оваа мрежа се: Фондација Метаморфозис, 4х4х4 Балкански Мостови, Вила Зора, Виножито, Гоу Грин, Гринер, Глобал, ЕкоНет, Еко-свест, Извор, Планетум, Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој – ЦеПроСАРД, Центар за одржлив развој на заедницата Дебар. На 23 септември во Скопје беше одржана координација помеѓу сите инволвирани организации од проектот Балканска мрежа за застапување при управување со e-отпад. На овој состанок беше разговарано за досега оствареното и за идните активности кои престојат до комплетирањето на проектот.
Впечатокот е дека е направено доста и дека преку проектите и активностите кои се направени народот е запознаен со проблемите од електронскиот отпад. Но, сепак сето тоа за да се ефектуира на терен треба државата да го даде својот придонес. Имено, новиот закон за електронски отпад е првиот чекор во таа насока. Се работи за закон донесен според ЕУ директивите. Неговата примена би била голем чекор во напорите за справувањето со електронскиот отпад. Она што останува да се види во иднина е како ќе се примени овој закон во пракса и кои ќе бидат резултати од неговата примена.
Овој напис е посветен на сите оние кои се вклучени во овој проект како еден вид поддршка за нивните активности и несебични напори.