Феноменот кој првпат бил забележан уште пред 2300 години од древен филозоф е основата врз која е дизајниран нов уред кој огромните количини на енергија во вид на топлински загуби ги користи за производство на електрична енергија. Овој уред е наречен пироелектричен генератор.
Zhong Lin Wang и неговите колеги од Georgia Institute of Technology (GT) објаснуваат дека повеќе од 50% од енергијата произведена во САД на годишно ниво оди во загуби, поголемиот дел од тоа во вид на топлина која се ослободува од компјутери до коли и далекуводи за пренос на електрична енергија.
Феноменот кој тие го исползуваат е пироелектричниот ефект, односно кога топлината се претвора во електрична енергија. Овој ефект првпат бил забележан од античкиот филозоф Теофраст, еден од најдобрите ученици на Аристотел и негов наследник во Лицеумот (школата на Аристотел) кому македонскиот филозоф му ги доверил сите негови дела. Теофраст во 314г.п.н.е. првпат го опишал овој феномен кога забележал дека полускапоцениот камен турмалин создава статичен електрицитет кога ќе се загрее и почнува да привлекува мали и лесни објекти како сламки.
Загревањето и ладењето ја менува молекуларната структура на одредени материјали, вклучително и на турмалинот, со што се создава нерамнотежа на електроните и потекува струја. Истражувачката екипа од GT се обидоа да ја искористат оваа појава и да ја применат на модерните услови, користејќи модерни материјали со специфична структура, како наноцевки.
За таа цел тие создале наножици од цинк оксид кои можат да бидат нанесени на секаква површина како бија, пластика електроника итн. Тие тврдат дека ваквиот наногенератор може да произведува струја дури и при промена на температурата меѓу ден и ноќ.
-Овој нов вид на наногенератор може да биде основата за самоодржлива нанотехнологија која ќе може да ја користи топлинската енергија од околината, посебно во апликации како безжични сензори, температурно скенирање, медицински дијагнози и лични електронски уреди – вели водачот на истражувањето.
Ова истражување било финансирано од американското министерство за енергија.