Побарувачката на електричната енергија расте секоја година. Овој раст е особено интензивен во земјите во развој. Со пораст на побарувачката на електричната енергија, расте и уделот на потрошувачката на јагленот. Според предвидувањата направени од страна на Меѓународната агенција за енергетика (International Energy Agency), а кој што се објавени во Среднорочниот извештај за пазарот на јаглен (MCMR – Medium Term Coal Market Report) уделот на јаглен како енергент ќе расти до 2017 година, кога ќе биде близу да ја загрози нафтата како примарниот извор на енергија.
Експертите од Меѓународната агенција за енергетика очекуваат дека побарувачката за јаглен ќе расти во секој светски регион освен во С.А.Д. каде природниот гас станува приоритетен извор на енергија. Гигантите како што се Кина и Индија ќе го предводат растот на потрошувачката на јаглен во наредните пет години.
Извештајот предвидува дека Кина ќе ги надмине сите други држави во побарувачката на јаглен. Индија од друга страна може да стане најголем поморски увозник на јаглен. Исто така се предвидува дека Индија има потенцијал да ги надмини С.А.Д. во потрошувачката на јаглен.
Паралелно со зголемената побарувачка за јаглен, енергијата на ветер станува се поконкурентна индустрија. Според соопштението објавено од страна на Американското здружение за ветерната енергија, минатата година беше најдобрата година за овој вид на енергија во С.А.Д.
Во 2012 година во С.А.Д. се изградени ветерници со вкупна инсталирана моќност од рекордни 13.124 мегавати, или кумулирано 60.000 мегавати на инсталирани ветерни капацитети во С.А.Д. Овие капацитети се доволни за снабдување на 15 милиони домаќинства или на снабдување на сите домаќинства во Колорадо, Ајова, Мериленд, Мичиген, Невада и Охајо.
Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA – International renewable Energy Agency), изјави дека основната причина на зголемената конкурентност на ветерната енергија во однос на фосилните горива се намалените цени на ветерните турбини.
Во С.А.Д. цената на чинење на киловат час добиен од ветерници лоцирани на најдобрите локации се движи помеѓу 0,04 до 0,05 долари, што е конкурентна цена во споредба со електричната енергија добиена од гасните централи.
Кина исто така ги зголеми своите капацитети на искористување на ветерната енергија. Според најновите податоци на Глобалниот совет за ветерната енергија (Global Wind Energy Council) во 2012 година Кина произведе 77 гигавати на ветерна енергија, што ја поставува на првото место во светот по користење на ветерната енергија.
Но и покрај тоа што се ветерните турбини во Кина за 50-60% поевтини од истите во С.А.Д. и Европа и фактот дека кинеската влада донесе низа на мерки со кој што се олеснува користењето на овој вид на енергија, цената на киловат час добиен од ветерната енергија е скоро дупло поскап од киловат часот добиен во термоцентралите на јаглен.
Според Ројтерс, кинеската електро дистрибуција може да ја купи електричната енергија добиена со користење на ветерната енергија по цена од 0,08 до 0,10 долари по киловат час. Овие цени се одредени од страна на кинеската влада. Од друга страна цената на киловат часот добиен од термоцентралите на јаглен изнесува 0,05 долари. Поради ова, кинеската влада најави имплементација на системот на квоти кој што ќе ја обврзи електро дистрибуцијата да набавуваат 5 –15% од вкупната енергија од ветерни централи.
Во оваа фаза не може јасно да се речи кога обновливите извори на енергија ќе станат конкурентни со фосилните извори на енергија, но со текот на времето и со прописите кој што се донесуваат во различни држави, обновливите извори ќе станат поконкурентни со фосилните горива.