Зборот геотермална влечи корен од двата грчки збора “geo” кој значи земја и зборот “therme” кој значи топлина. Значи, зборот геотермална енергија значи топлина од земјата. Геотермалната енергија се употребува за загревање на згради, домови, одгледување на растенија во стакленици, сушење на жито, загревање на вода во рибници, во некои индустриски процеси, за производство на електрична енергија и други намени.
Изворите на геотермална енергија се движат од плитката земја па се до врелите извори на вода како и врели карпи пронајдени на поголема оддалеченост од земјината кора каде температурите се значително повисоки. Денес геотермалната енергија е нешто вообичаено кај развиените западноевропски земји и се користи масовно каде што дозволуваат условите.
Додека кај нас тоа не е случај. Тоа е поради неколку причини и тоа како главни причини се наведуваат високата цена на технологијата, слабиот маркетинг и непознавање од страна на потенцијалите корисници на оваа технологија, државата е потполно индиферентна кога се работи за геотрмални пумпи итн. Сепак, со оглед на високите цени на енергенсите денес и цената на електричната енергија која постојано оди нагоре, оваа технологија станува конкурентна на пазарот и се очекува допрва да се развива.
Република Македонија има огромен потенцијал кога станува збор за геотермална енергија. Досега се забалежани повеќе од 25 извори на термални води со температура поголема од 21оС. Севкупната издашност на изворите е најмалку 310 лит/сек. Во Македонија вкупно има 18 локалитети со термални води: Волково, Стрновец, Подлог, Крупиште, Истибања, Тркање, Бања, Смоквица, Л’џи, Топли дол, Топлик, Мрежичко, Горницет, Повишица, Добрево, Раклеш, Топлец, Дерибаш.
*На сликата е прикажано шематски процесот на користење на термална енергија за затоплување