ЕНЕРГЕТСКА СЛИКА НА РЕГИОНОТ
Цените на енергијата во регионот се и до 234 отсто пониски во однос на просекот на ЕУ. Македонците плаќаат најмалку – 5 евра за 100 киловат-часови струја, за разлика од 16,7 евра, колку што во просек чини во 27 земји на ЕУ
Во земјите на југоисточна Европа за да се произведе единица бруто домашен производ (БДП) треба да се вложат дури 1,7 до 3,9 пати повеќе енергија во однос на просекот на ЕУ. Ова е заклучок е на регионалната студија која со ангажман на независни енергетски експерти, го подготвија здруженија на граѓанско општество од Албанија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Македонија и Косово, се вели во текстот на хрватскиот весник „Глас Славонија“, кој излегува во Осиек.
Студијата под името „Поправедно, почисто, побезбедно“ дава преглед на состојбата во енергетскиот сектор во југоисточна Европа, како и препораки за во иднина, а меѓу другото покажува дека регионот има значајни потенцијали за користење на обновливи извори на енергија и високо ниво на јавна поддршка. Но, во пракса обновливите извори не се користат.
Монополистите жарат и палат
Според законската и друга регулатива, се заклучува во студијата, Хрватска е во најдобра позиција од останатите земји- има разработена енергетска политика и законодавни рамки, поставени национални цели за обновливи извори (20 отсто од вкупната потрошувачка до 2020 година мора да дојдат од обновливи извори, а општата потрошувачка на енергија до тогаш мора да се намали за 10 отсто). Меѓутоа, се наведува дека енергетската регулаторна агенција „не ни е на место“, а наспроти тоа што на хартија имаме целосно либерализиран енергетски пазар, со него с` уште „жарат и палат“ монополисти. Развојот на производството на енергија од обновливи извори го кочи преголемата бирократија, на пазарот нема доволен поттик, но и премала контрола.
Податоците за 2008 година велат дека во целиот регион се произведени вкупно 23 Мтое (еквиваленти нафта во милиони тони) примарна енергија, во што јагленот учествувал со 63 отсто, обновливите извори благодарение на големите хидроцентрали со 18 отсто, гасот со околу 10 отсто, а нафтата со 9 отсто. Зависноста од увоз на енергија изнесува дури 43 отсто, при што најмалку увезува БиХ, во која една четвртина од бруто потрошената енергија доаѓа од увоз, додека Хрватска и Црна Гора за увозот се најзависни држави во регионот од увоз на енергија (60 отсто увоз за Хрватска, 50 отсто увоз за Црна Гора).
Србија е прва според сопственото производство, таа произведува 9,4 Мтое примарна енергија, а најмалку Црна Гора со само 0,6 Мтое. Во споредба со 27 земји на ЕУ, потрошувачката на јаглен во југоисточна Европа е дупло поголема од потрошувачката во ЕУ (18 отсто), додека гасот во вкупната потрошувачка во регионот учествува со 13 отсто, наспроти 24 отсто во ЕУ.
Македонците плаќаат најмалку
Од друга страна, земјите на југоисточна Европа трошат многу помалку енергија по глава на жител, во споредба со државите на ЕУ. Албанија троши 1.372 киловат-часови годишно по жител, БиХ 2.385, Хрватска 3.497, а Србија 3.751. Просекот на југоисточна Европа изнесува 2.917, а на ЕУ-27 5.731 киловат-часови електрична енергија. Цените на енергијата во регионот се и до 234 отсто пониски во однос на просекот на ЕУ. Македонците плаќаат најмалку- 5 евра за 100 киловат-часови струја, за разлика од 16,7 евра, колку што во просек чини во 27 земји на ЕУ. Во Албанија истата количина е 6,8 евра, во БиХ 7,4, во Србија на пример 6,6 евра, а во Хрватска 12 евра.
Кога се во прашање загубите во електромрежите, Хрватска стои многу добро, ако се земе предвид тоа дека ХЕП загубите ги сведе на „подносливи“ 2,5 отсто, за разлика од загубите на пример во албанската национална мрежа, кои изнесуваат неверојатни 35 отсто, или уште полошо 39 отсто на Косово, при што 20 отсто се однесуваат всушност на неовластена потрошувачка, т.е. на крадење на струја и неплаќачи, се вели во студијата.
Преземено од Дневник