ПРОЕКТ „РЕВИТАЛИЗАЦИJА НА ШЕСТ ХИДРОЕЛЕКТРАНИ“
Хидроцентралите во земјава до 2013 година ќе ја зголемат ефикасноста и ќе произведуваат повеќе струја. Државната „Електрани на Македонија“ ќе вложи 32 милиона евра за замена на постојната опрема и на поважните машинските и електрични делови. Во тек е тендерска постапка за најголемата инвестиција од почетокот на работата на овој систем што функционира веќе половина век.
– Проектот за ревитализација на хидроцентралите значи зголемување на ефикасноста на турбините и производство на максимална количина енергија од расположливите количини вода. Ревитализацијата ја опфаќа електричната, хидромеханичката опрема и градежните работи на четирите хидроцентрали, „Врбен“, „Равен“, „Вруток“ и „Шпилје“. Проектот вклучува и надгледување на браната и инструменталниот систем на секоја хидроцентрала одделно, а со овие активности ќе бидат опфатени и „Глобочица“ и „Тиквеш“ – информираат од АД ЕЛЕМ.
Активностите предвидени со овој проект претставуваат надополнување и продолжување на активностите од претходниот проект за ревитализација кој беше спроведен во периодот од 1998 до 2005 година. Проектот, чија вредност е процената на 32 милиона евра, ќе се финансира од средства на АД ЕЛЕМ и заем од КФВ банка.
Во ЕЛЕМ оценуваат дека во актуелните услови на пазарот на електрична енергија, ваквата инвестиција ќе овозможи заштеди и ќе ја намали зависноста од увоз.
– Проектот нуди многубројни одржливи бенефиции за Македонија. Се очекува да се зголеми расположливиот капацитет за производство на електрична енергија, поголема сигурност и постојаност во напојувањето и ќе се овозможи поголема безбедност на браната на хидроцентралите – велат во ЕЛЕМ.
Меѓу предвидените ефекти се зголемување на годишната инсталирана моќност на системот на 18,3 мегавати, а по рехабилитацијата и дополнително производство на 50 гигават-часови. По спроведувањето на проектот ќе се намали и емисијата јаглероден диоксид. (З.Г.М.)
Преземено од Дневник
2 Comments
Igor
мислите повеќе ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА„, меѓу другото ваша задача е и да ја научите пошироката јавност, па и медиумите на правилната терминологија.
Поздрав
master
Веста беше преземена од друг медиум и дело на друг автор, па според тоа немаме право да менуваме делови од текстот. Но во право сте за грешката која ја посочивте