„Жал ни е, бројката е пополнета, вие сте триста и првиот што сака да поднесе документи“. Вака, според неколку граѓани, биле пречекани во Министерството за економија кога „вооружени“ со сите потребни документи, фискални сметки и барања, сакале да се пријават на најновиот повик за субвенционирање за соларните колектори што ги инсталирале на куќите. Изненадувањето било поголемо, ако се знае дека предвидениот термин за пријавување само што почнал, а квотата од 300 субвенции за влакно била пропуштена. Чудно е што истото образложение дека се 301-от го чуле не еден туку неколкумина граѓани. Во Министерството демантираат и тврдат дека огласот с` уште трае и дека сите заинтересирани што имаат целосна документација може да аплицираат.
Прв дојден – прв корисник
Годинава Владата, по пауза од три години кога штедеше, одвои само 6 милиони денари, односно околу 100.000 евра за повеќе од 300 домаќинства. Секое од нив ќе добие 30 отсто поврат на средствата, но не повеќе од 300 евра за домаќинство. Според ресорното министерство, досега термални сончеви системи имаат вградено околу 1.000 домаќинства, кои добиле субвенции од Министерството за економија, кое нема целосна евиденција колку домаќинства го сториле тоа без да побараат поврат на средства ниту, пак, колку се користи сончевата енергија кај нас.
Овие субвенции се дел од заложбите за зголемување на енергетската ефикасност и за стимулирање граѓаните повеќе да ги користат придобивките од сончевата енергија.
Граѓаните велат дека и покрај комплетната документација што ја поднеле, не се надеваат на поврат на средствата.
– Тргнавме со пресметките дека може да се заштеди до 70 проценти од енергијата што се троши за загревање вода. На системот ја поврзавме и машината за садови и за перење алишта. Плативме околу 2.000 евра, но поради тоа што соларниот систем сме го купиле неколку дена пред објавување на огласот, не ни ги примија документите – вели скопјанката Анита Петреска.
Граѓаните што вчера се јавија во редакцијата тврдат дека документите не им ги зеле во архивата бидејќи парите се добивале на принцип прв дојден – прв корисник и дека бројката веќе е пополнета. Но, во ресорното министерство велат дека пари не добиваат сите, туку само тие што имаат комплетна документација.
– Не е битно дали сте педесетти или 350. Ако педесеттиот нема документи, може да се случи триста педесеттиот да добие пари бидејќи претходните кандидати немаат комплетна документација што потврдува дека соларниот систем е купен и поставен по условите што се опишани во огласот – вели Селвет Барути, портпарол во Министерството за економија.
Пазарната цена на малите системи што се користат во домаќинствата се движи од 800 до 2.500 евра, а за големите од околу 10.000 до 100.000 евра.
Според експертите, во земјава се инсталирани околу осум илјади сончеви колектори, со што се искористува само пет проценти од сончевата енергија, иако годишно на располагање имаме од 240 до 270 сончеви денови.
Експертите објаснуваат дека ако правилно се искористува сончевата енергија на годишно ниво, во земјава ќе може да се заштедат околу 80 милиони евра за енергија.
Никој во државата нема информации колку вкупно домаќинства штедат електрична енергија искористувајќи го сонцето.
Добрите познавачи на состојбите велат дека Македонија има голем потенцијал за искористување на сончевата енергија, но поради нискиот животен стандард изградбата на сончеви колектори е прескапа инвестиција за граѓаните. Вложувањето во сончеви панели за топла вода во просек се враќа за 6 до 7 години. Во земјава обично има околу 220 сончеви денови, односно околу 2.400 сончеви часови годишно. Според нивни податоци, со ваква сончевост, од колектор со површина од еден квадратен метар може да се добијат над четири киловат-часови дневно. Сончевата енергија непрекинато може да се користи од 15 февруари до 15 ноември. Најчесто се инсталирани колектори со кои сончевата енергија се користи за добивање топла вода. Експертите порачуваат дека мора да се реши проблемот со енергетската неефикасност на станбените објекти, односно дека сончевата енергија треба да ја искористат и за загревање.
Нецелосна евиденција
Според истражувањата на Центарот за енергетска ефикасност, и покрај тоа што во земјава над 80 проценти од граѓаните се заинтересирани да постават сончев колектор, сепак само 5 проценти го имаат инсталирано на својот покрив.
Експертите препорачуваат дека растечката цена на електричната енергија ги прави колекторите исплатлива инвестиција, иако ќе треба да поминат 6-7 години за да се вратат вложените пари.
– Основата за користењето на овие сончеви колектори е да има влијание врз домашниот буџет, да се намалат трошоците за електрична енергија. Кога ќе се отвори пазарот за електрична енергија во 2015 година, цената на струјата сигурно ќе се зголеми. Тогаш ќе се види дека е умно да се инвестира во систем за производство на топла вода – велат експертите.
Според нив, државата треба да ги поттикне граѓаните да го користат сонцето како извор на енергија.
– Колку повеќе се изградат вакви системи, толку поголема ќе биде и користа за државата, зашто би се намалила зависноста од увоз на енергенти – објаснуваат експертите.
Сопствениците на фирмите што произведуваат соларни колектори тврдат дека поради укинатите субвенции изминативе неколку години работата им е намалена за педесет отсто. Откако е објавен огласот од Министерството за економија, побарувањето на сончеви термални колектори се зголемило двојно.
– Укинувањето на субвенциите од Владата направи тотален хаос во нашето работење. Во години кога имаше субвенционирање се поставуваа по стотина колектори во еден град, а кога немаше субвенции на ваков чекор се решаваа само тие со подлабок џеб – велат во една скопска фирма што се занимава со монтажа на соларни системи.
Граѓаните што лани беа одбиени за субвенции поради штедењето на Владата, годинава остануваат со прстот во уста.
– Вградивме соларен систем бидејќи цело лето штедиме електрична енергија. Во кој било ден од денот имате бесплатна топла вода, а инвестицијата се враќа за неколку години. Не знаевме дека за лани нема предвидено пари. Го поставивме системот со надеж дека годинава ќе добиеме пари. Кога отидовме со подготвената документација, ни рекоа дека пари има само за тие што купиле колектори годинава и тоа откако е објавен огласот – вели една скопјанка која сакаше да остане анонимна.
Во услови кога цената на нафтата урива рекорди и струјата е с`поскапа, треба во земјава посериозно да се размислува за искористување на сончевата енергија како алтернативен извор на енергија. Препораките на ЕУ се околу 20 проценти од електричната енергија да се произведува токму од обновливи извори на енергија.
Валентина Ангеловска
Преземено од ДНЕВНИК