Директорот на Јавното претпријатие Водовод и градоначалникот на Општина Битола, ја пресекоа црвената лента на хидроцентралата со јачина од 360 киловати, која претпријатието ја градеше една година. Водовод во новата постројка и во уште неколку други зафати во водоснабдителниот систем на Битола вложи скоро 500.000 евра, пари обезбедени од продажба на акциите во неколку претпријатија.
Изградена со финансиски средства исклучиво на јавното претпријатие, хидроцентралата ќе произведува електрична енергија која ќе ја продава на МЕПСО.
„Парите се обезбедени комплетно од Водовод од продажба на акциите кои ги имавме кај некои претпријатија.Целокупната сума на целокупната инвестиција е околу 30 милиони денари при тоа не само за хидроцентралата туку и придружни елементи за што ја искористивме приликата за потребите на водовдниот систем”, вели Зоран Илиоски директор на ЈП Водовод.
Очекуваните приходи во касата во моментов се проектирани на близу 100.000 евра годишно.
Хидроцентралата го користи постоечкиот водоводен систем на претпријатието и висинската разлика во него, а откако електричната енергија е произведена водата во исправна и питка состојба поторно се употребува во водоводната мрежа. Според првиот човек на Водовод, пред две недели беше обезбедена потврдата со која претпријатието и официјално стана производител на електрична енергија, а дополнително се очекува и потврдата за производство на струја од обновливи избори, која на пазарот и поскапо се продава.
„ Пред 1 година на ова место почнавме да размислуваме и да вложуваме во изградбата на оваа хидорцентрала со подршка на Советот по иницијатива на Водовод”, вели Владимир Талески градоначалник
Градоначалникот на Општина Битола ја поздрави иницијативата на Водовод да се инвестира во производство на еко – електрична енергија. Оваа инвестиција ја оправдува постапката и на Советот на Општина Битола, кој Водовод не го гледаше само како претпријатие во тешка финансиска состојба, туку капацитет со визија за иднината, рече Талески.
Преземено од: ТВ ОРБИС