Фирмата Apple неодамна поднела барање до EPEAT, групата за поставување на електронски стандарди, од нивната листа на зелени производи да избрише 39 нивни десктоп компјутери, монитори и лаптопи, вклучувајќи и постари верзии на MacBook Pro и MacBook Air. EPEAT, која е создадена и финансирана со помош на Агенцијата за заштита на околината на САД и поголем број производители, доделува сертификат на електронските производи кој треба да покаже дека тие можат да се рециклираат и дека се дизајнирани за максимално ефикасно искористување на енергијата и нанесување на минимални штети на околината.
Со цел да ги исполни стандардите, секој уред треба лесно да се расклопува со обични алати, како и лесно да можат да се одвојат отровните компоненти, како батериите. Овие стандарди беа создадени со взаемен труд на владини агенции, невладини организации, како и производители на електронски уреди, вклучувајќи го и Apple.
-Рекоа дека насоката во која се движат нивните дизајни повеќе не соодветствува на барањата на EPEAT, без да дадат некое конкретно објаснување. Тие беа големи поддржувачи и разочарани сме што повеќе не сакаат нивните производи да бидат мерени по овoj стандард – вели Роберт Фризб, извршен директор на EPEAT.
После оваа одлука, луѓето за односи со јавност во компанијата ќе имаат потешкотии да го објаснат овој потег, посебно во образовни иституции каде Apple е значително присутен. Образовните установи често бараат од раководните лица во нивните ИТ одделенија да набавуваат електронска опрема која е поеколошка, а истото го прават и сè поголем број на приватни компании. Но, сега дури ни постарите модели на Apple уреди не се веќе сертифицирани.
Иако од Apple не сакаат да коментираат, на нивната интернет страница може да се најдат извештаи за влијанието врз околината кое го имаат нивните производи, а компанијата нуди и неколку програми за рециклирање преку своите продавници и интернет страницата.
Според интернет страницата iFixit. com, која им обезбедува на корисниците упатства како да си ги поправаат компјутерите, еден од најновите производи на „јаболкото“, MacBook Pro со Retina дисплеј е скоро невозможно да се расклопи целосно. Батеријата била залепена за куќиштето, додека екранот бил залепен за поклопецот. За овој лаптоп, кој излезе во продажба пред само еден месец, воопшто не било ни поднесено барање за сертификација. Но и дабило поднесено, според Фризби, тој немало да ги исполни критериумите. Имено, со тоа што батеријата е залепена за куќиштето, не може да се рециклира ниту куќиштето, ниту батеријата.
Oвој потег на Apple очигледно е од чисто дизајнерска природа, бидејќи тие се трудат да понудат што е можно помали уреди со батерии што траат многу долго. Но сепак, ова може лошо да се одрази на нивната заработка во иднина, бидејќи значителен дел од големите корпорации набавуваат опрема која е исклучиво EPEAT сертифицирана, 70% од школите во Америка го имаат истото барање, а дури 95% од електрониката која ја користи владата на САД треба да биде со сертификат на EPEAT.