Научниците од Универзитетот Стенфорд погледнаа во минатото барајќи одговор за сегашните потреби за развивање на добра технологија за складирање на енергија. Имено, тие размислуваат за усовршување на технологијата за батерии на полнење на основа на никел и железо, развиена уште пред еден век од страна на Томас Едисон.
Никел-железните батерии за напојување на електричните автомобили од тоа време (да, да, електрични коли се возеа и пред 100 години), а се користеле и како помошно напојување во железницата и рудниците. Едисон го создал овој тип на батерии како евтина алтернатива за лесно кородирачките оловни батерии кои се користеле во тоа време.
Но, и покрај тоа што била релативно евтина, никел-железната батерија имала еден голем недостаток – ѝ било потребно многу долго време да се наполни. За да го отстранат овој недостаток, истражувачите од Стенфорд додале јаглерод во составот на материјалот со цел да се подобри електричната проводливост на електродите.
Електродите на батеријата која ја развиваат во Стенфорд се добиени со додавање на наноцевки од графен и од јаглерод. Притоа, нанокристали од железо оксид се наталожиле на графенот, додека нанокристали од никел хидроксид се наталожиле на јаглеродните наноцевки. Научниците откриле дека новиот состав на анодата и катодата резултира со зголемување на брзината со која електричните полнежи се движат помеѓу електродите, давајќи ѝ со тоа на батеријата подобро време на полнење и празнење.
Користејќи ги вака направените нови електроди, тимот создал прототип на батерија од еден волт која може целосно да се наполни за 2 минути, а да се испразни за помалку од 30 секунди. Ова е сосема доволна количина на електрицитет за напојување на батериска ламба. Се разбира, научниот тим од Стенфорд ќе мора да изврши дополнителни тестирања, како и да направи модел со поголем капацитет од овој, пред да може проектот да се прогласи за успешен и да ги видиме овие батерии во составот на некој електричен автомобил.
-Ова дефинитивно може да се направи и во поголеми размери. Никелот, железото и јаглеродот се релативно евтини материјали, а електролитот кој го користиме во батеријата е само калиум хидроксид, кој исто така е доста евтин и е безбеден, нема да експлодира во колата при судир – вели еден од истражувачите.
Во моментот тимот работи на подобрување на карактеристиките на батеријата за чување на полнеж на подолг рок. Сегашниот прототип има пад на капацитетот за 20% после 800 циклуси на полнење и празнење. Целта е да се намали или целосно да се отстрани овој проблем.