Која од двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и да формира влада по избориите ќе продава 49% од Електрани на Македонија. Ова го пишува во нивните изборни програми. Ако се земат предвид последните официјални податоци за основната главнина на ЕЛЕМ, која вреди околу 517 милиони евра, излегува дека потенцијалниот инвеститор треба да плати околу 250 милиони евра за 49% од капиталот на оваа државна компанија.
При докапитализација, како што предвидува ВМРО-ДПМНЕ, не може да се прогнозира колку пари ќе се добијат за отуѓување на 49% од капиталот на ЕЛЕМ, затоа што не е познато по која цена ќе се продаваат акциите. Основната главнина е поделена на 31.738.878 обични акции, со номинална вредност од 1.000 денари за акција.
И двете политички партии само накусо, без многу објаснување, одлуката за отуѓување на 49% од ЕЛЕМ ја објаснуваат со фактот дека на тој начин ЕЛЕМ ќе има повеќе пари за да ги реализира сите зацртани енергетски проекти.
Разликата меѓу двата модели е што СДСМ планира продажба на 49% од постоечкиот капитал на ЕЛЕМ, при што парите ќе биле наменети за инвестиции во енергетиката, а ВМРО-ДПМНЕ планира докапитализација до 49% од капиталот на ЕЛЕМ.
“Со докапитализација на ЕЛЕМ до 49% ќе се добијат пари што ќе се вложат во зголемување на постоечката инсталирана моќност на компанијата за околу 60% во периодот од околу 10 години, со што ќе се создадат предуслови за домашното производство во целост да ги покрива домашните потреби за електрична енергија. Докапитализацијата преку продажба на 49% од реално проценетиот капитал на компанијата ќе се изврши на јавен оглас во целосно транспарентна постапка. Очекуваното време на реализација на целокупниот процес е околу три години“, пишуваат во програмата на СДСМ, “За твојата иднина“.
Извор:КАПИТАЛ