Сигурно сте слушнале за познатата британска зграда лоцирана во Downing street? Тоа е зграда која е веќе со векови резиденција на британските премиери. Пред да кажам зошто оваа зграда е интересна од аспект на енергетска ефикасност, да кажам малку повеќе за неа.
Морам една дигресија да направам на самиот почеток. Гарант веќе има некој од нашите посетители на блогот, кој што во моментот си вели:„што ми зборуваат овие сега за некоја зграда во таму некаде во **********?“. Бидете трпеливи до крај, ќе видите и зошто.
Самата улица, каде што се наоѓа зградата е изградена уште во 1680 година од страна на Сер Џорџ Дауниг, додека самата зграда е изградена во 1735 година, има 4 ката со вкупна корисна површина од 6745 метри квадратни. Првиот премиер има одбиено да живее во оваа куќа, која инаку беше поклон од страна на тогашниот британски крал Џорџ II.
Но, доста беше историја. Да видиме енергетски факти во врска со оваа зграда. Самиот систем за греење го користи природниот гас како основно гориво. Вкупната потрошувачка на енергија на оваа зграда изнесува 90 kwh/m2/годишно за греење и 171 kwh/m2/годишно за електрична енергија.
Она што е интересно, е дека од 2008 година во Велика Британија, секој објект кој што е од јавно значење, мора да има таканаречен DEC (Display energy certificate). Да ве потсетам ние сè уште немаме правилник за енергетски ефикасна градба, а за тоа колку објектите кои што се во сопственост на државата и локалната самоуправа трошат енергија немаме никакви информации.
Според овој сертификат (кој што е инаку добиен во 2009 година) зградата во Даунинг стрит се рангира на средината на скалата за енергетски перформанси. Поточно, зградата просечно троши помеѓу 83-101 kwh/m2/годишно – можеме да кажеме дека зградата каде што живеат британските премиери е енергетски ефикасна. Да потсетам зградата е изградена уште во 1735 година!
Инаку овие податоци во врска со зградата ги имам пронајдено на следниот сајт https://www.carbonculture.net/orgs/number10/10-downing-street/ (благодарам на Дарко Стојановски што ми го прати линкот). Покрај овие податоци тука можете да ги видите и симнете точни податоци на потрошувачка на електрична енергија според сметките за електрична енергија и сметките за гас, на оваа зграда.
Она што мене ме интересира дали ние некогаш ќе бидеме во можност да ги видиме сметките за потрошената електрична енергија и сметките за греење на зградата на Влада на Р. Македонија?