Креаторот на iPod создаде паметен термометар кој може самиот да се програмира во зависност од вашите навики – знае кога не сте дома и ја оптимизира температурата за да ги минимизира трошоците на електрична енергија.
Nest Learning Thermostat, дизајниран од Nest Labs на Тони Фадел, користи шест сензори кои ги следат температурата, движењето, влажноста и светлината за да ја контролира потрошувачката на енергија. За само една недела, уредот почнува да создава распоред за греење на основа на навиките на корисникот, притоа прилагодувајќи ги автоматски греењето и ладењето кога некој е дома и забележува колку енергија се троши секој ден. Преку Wi-Fi конекција, уредот исто така ги следи и временските услови и временската прогноза, преку што подобро осознава како надворешните услови влијаат на потрошувачката на енергија од страна на корисникот.
Иако уредот, кој во продажба ќе се најде прво во САД во ноември, а потоа и во останатите земји, чини околу 250 долари, од производителот уверуваат дека инвестицијата е исплатлива и се враќа во рок од две години.