Заштеда на енергија и до 60 проценти и поврат на инвестицијата за период од три месеци до седум години
Ова се придобивките од поефикасното користење на енергијата, со што компаниите стануваат поконкурентни и со поголем профит, а на домаќинствата ќе им се намалат трошоците.
Ниската свест сепак останува клучен проблем за користењето енергетски ефикасни решенија во Македонија, иако интересот кај граѓаните е поголем за разлика од компаниите, тврдат експертите.
– Резултатите од кредитните линии што се нудат за енергетската ефикасност се многу мали, поради што е неопходно едуцирање и доближување на темата до граѓаните. Инвестициите во енергетско ефикасни решенија се исплатливи. Само со замена на светилките со поштедливи ние заштедивме 30.000 евра – вели Емилија Спироска, член на управниот одбор на Прокредит банка.
За оваа намена банката располага со кредитна линија од седум милиони евра, преку која нуди еко-кредити за домаќинства и за фирми, со намалени каматни стапки за два проценти од стандардните. Во моментов каматните стапки за домаќинствата се 7,9 проценти и 8,5 проценти за компаниите.
Игор Петрушевски од Македонската асоцијација за енергетска ефикасност смета дека годишниот пораст на потрошувачката на енергија од 6,64 проценти значи и зголемени финансиски трошоци за енергија и токму применувањето на мерките за енергетска ефикасност би било решение за ваквата состојба.
Автор: А.С.Д.
Преземено од Нова Македонија