Граѓаните и фирмите максимално да ја штедат струјата за да не се случат поголеми рестрикции, апелираше владата која прогласи кризна електроенергетска состојба. До 29 февруари ограничен е извозот на струја. Дополнителните мерки опфаќаат исклучување на сите светлечки реклами,сведување на минимум на осветлувањето на улиците,плоштадите и на другите објекти како и забрана за употреба на струја за дополнително загревање. Рестрикции кај домаќинствата засега не се планираат. Вицепремиерот Владимир Пешевски изјави дека ќе се направи се` за да се заштитат домаќинствата. Не се очекува влошување на состојбата а поради студеното време моќни се испади кај далноводите.
Доколку на утрешниот јавен меѓународен повик АД `ЕЛЕМ не добие прифатлива понуда за струја, чија цена деновиве енормно порасна, а речиси и да нема од каде да се купи, во погон ќе се вклучи и ТЕЦ Неготино. Подготовките за вклучување биле во тек, а во моментов капацитетот располагал со мазут за пет дена. Првиот човек на ЕЛЕМ Влатко Чинговски изјави дека доколку е потребно ќе се активираат и количините мазут од стоковите резерви кои биле доволни за еден месец работење на ТЕЦ Неготино.
Засега не се планира зголемување на цената на струјата иако потрошувачката во последниот месец е рекордна. Затоа се апелира максимално штедење. Состојбата ќе се следи и доколку има потреба ќе се направат анализи во консултација со регулаторите.
Костадин Делимитов
Извор: АЛФА ТВ