Покрај вестите кои се однесуваат на снежните наноси кои што ја погодија не само нашата држава, туку и другите држави од регионот, од Далмација стигнува вест дека е отворена прва приватна соларна централа, која што произведената електрична енергија ќе ја продава на Хрватско електростопанство.
Како што пишува дневниот весник „Слободна Далмација“, на кровот на куќата која е во сопственост на Славко Кнежевиќ од место Ждрило, поставени се 56 соларни плочи, кои ќе произведуваат електрична енергија.
„Според добиените пресметки, верувам дека ќе заработувам во просек околу 4-5 илјади куни месечно“, изјави за „Слободна Далмација“ госп. Кнежевиќ.
„Во панелите и во комплетната инсталација инвестирав околу 400 илјади куни, а самата централа ќе произведува помеѓу 11.000 – 12.000 kWh. Беше потребно многу документи за да ја изградам комплетната централа, сега само остана да ја тестираме централата со еден посебен уред, а очекувам за едно 10 дена да почне производството на соларна енергија“ – изјави госп. Кнежевиќ.
Комплетниот проект е реализиран благодарејќи на д-р. Љубомир Мајданџиќ, претседател на Хрватското стручно здружение за сончева енергија.
Јосип Париќ, управител на ова здружение во Задарската жупанија, објасни дека овој проект мораше да добие дури 54 различни дозволи за самата изградба и пуштање во употреба на сончевата централа.
„Најбитните се согласувањата на Хрватската енергетска регулаторна агенција, а на крај ХЕП (Хрватско електростопанство) како оператер на пазарот мора да ги прифати одобрените дозволи. Добро е што договорите за откуп на електричната енергија се склучуваат на период од 12 години и што е цената на испорачаната електрична енергија добра – 3.8 куни за kWh ( 1 ЕВРО = 7.58 КУНИ)“, изјави Париќ кој што е иноватор и стручњак за искористување на соларната и енергијата на ветер.