„Следната недела јас ќе бидам во Русија заедно со премиерот и таму ќе биде потпишувањето, во рамки на форумот во Санк Петербург ќе се потпише договорот меѓу Македонија и Русија за влегување на Македонија во Јужен тек“, рече Ставрески, одговарајќи на новинарско прашање, во врска со активностите на земјава за Јужен тек.
Владата, претходно, го усвои финалниот текст на Договорот со Руската Федерација за изградба на гасоводниот крак од Јужен тек кон Република Македонија. Финалниот текст, за кој е добиена потврда од руска страна дека се согласува, е усвоен на владина седница.
„Поврзувањето со меѓународниот коридор за пренос на гас Јужен тек, за Македонија обезбедува многукратни придобивки. Со Договорот е предвидено да се обезбедат дополнителни количини природен гас, што ќе значат стабилна енергетска иднина на нашата земја. Влегувањето на Македонија во овој проект значи дека ќе обезбедиме сигурно снабдување со гас на сите стопански капацитети, како и за домаќинствата, при што може да се очекува и намалување на цената на гасот. Ќе се задоволат целокупните потреби за гас во земјата, како за нови стопански и енергетски капацитети, нови електрани, така и за гасоводната мрежа до сите градови. Проценката е дека до 2030 година потребните количини на гас кои ќе се обезбедуваат би изнесувале 2,5 милијарди кубни метри. Оператор на гасоводот во Македонија ќе биде мешовито македонско-руско друштво, кое со Договорот е предвидено да биде со еднакво учество од по 50 проценти“, рече минатиот месец Ставрески, во интервју за МИА.
Изградбата на гасоводот во Русија почна минатата година и гасот кон Централна и Јужна Европа треба да протече во 2015 година. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 отсто од вкупните потреби на Европа.
Извор: Точка