Механизмот за чист развој е дефиниран во членот 12 од Протоколот од Кјото. Со него се овозможува на земјите кои припаѓаат во групата од Анексот I да инвестираат во проекти со кои се намалуваат емисиите на стакленички гасови и кои придонесуваат за одржлив развој на земјите кои не спаѓаат во Анексот I. Механизмот за чист развој е единствениот флексибилен механизам кон кој Република Македонија има пристап според Протоколот од Кјото.
Механизмот за чист развој претставува механизам за тргување со емисии на штетни гасови. CDM е единствениот флексибилен механизам создаден од Протоколот од Кјото кој ги вклучува земјите во развој. Механизмот за чист развој беше усвоен на Третата конференција на Страните (COP-3) на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени. Тој е иновативен и комплексен механизам, чија цел е да го стимулира и поттикнe намалувањето на емисиите во земјите во развој, истовремено промовирајќи одржлив развој. Истовремено, тој има за цел да им помогне на развиените земји да ги исполнат нивните обврски за намалување на емисиите со помали трошоци отколку што би било можно во поинаков случај. CDM има две примарни цели:
- Да им помогне на земјите од Анекс I во постигнувањето на целите на намалување на емисиите, и
- Да ги промовира целите на одржливиот развој во земјите-домаќини (земји кои не се вклучени во Анекс I).
Првата цел им овозможува на развиените земји да постигнат дел од нивните обврски за намалување на емисиите преку спроведување проекти во земјите во развој кои ги намалуваат емисиите со проекти за чиста енергија, енергетска ефикасност, обновлива енергија или секвестрирање (заробување) на CO2 од атмосферата во форма на биомаса преку пошумување или обновување на шумите. Главни карактеристики на CDM се:
- Учеството во проектните активности на CDM е доброволно, а инвестирањето во CDM е управувано од пазарот. Јавноста и приватните субјекти се сметаат квалификувани да учествуваат.
- Активностите на CDM мора да водат кон измерливо намалување на емисиите, кои за инвесторот ќе можат да се пренесат во форма на потврдени намалувања на емисии, или CER, по квантитативно утврдување и потврдување од трета страна.
- Намалувањето на емисиите мора да биде дополнително на намалувањето што би се остварило во отсуство на одобрените проектни активности. За да се добие CER, намалувањето на емисиите мора да биде квантитативно одредено и потврдено од трета страна.
- Придонесувањето кон одржливиот развој е главната цел на проектите на CDM. Се смета дека дефинирањето на одржливиот развој или како проектите на CDM треба да придонесат кон истиот треба да биде прерогатив на земјата-домаќин.
CDM дозволува трансфер на CER на страните кои инвестираат во такви проекти. Овој пазарно заснован систем ќе овозможи индивидуални фирми, како и земји, да ги изберат економски најефективните решенија за намалување на емисиите на стакленички гасови. Спогодбите од Маракеш, усвоени на COP-7 во 2001 година, го формираа Извршниот совет на CDM и се согласија дека CER постигнати во земјата во развој-домаќин на CDM може да се генерираат од активности на намалување на емисии преземени уште во 2000 година. Развиените земји, пак, можат да ги искористат истите за исполнување на нивните обврски да ги намалат емисиите во првиот период на обврска (2008-2012).