МЕПСО ќе формира пазар за тргување со електрична енергија на дневна основа, со што првпат во Македонија се создава организирано место за тргување со електрична енергија на дневна основа, соопштија денеска од компанијата.
Според МЕПСО, со новите правила на пазарот на електрична енергија ќе се отвори ново поглавје во процесот на негова либерализација.
„Од 1 јануари следната година електрична енергија ќе купуваат повеќе од 170 домашни компании, а веќе од 2015 година по пазарно утврдени цени електрична енергија ќе набавуваат сите потрошувачи во земјава вклучувајќи ги и домаќинствата“, соопштуваат од МЕПСО.
Создавањето и организацијата на пазарот ги утврдила Регулаторната комисија за енергетика. Во овој подзаконски акт детално се уредуваат правата, обврските и меѓусебните односи на сите учесници на пазарот на електрична енергија во Република Македонија во кој се вклучени производители, потрошувачи, трговци, како и МЕПСО како организатор на целиот процес.
Извор: МКД