Во период од три години на осум реки во земјава треба да бидат изградени 21 мала хидроцентрала, кои вкупно годишно се очекува да произведуваат електрична енергија од 87 гигават часови. Инвестицијата се проценува на 40 милиони евра.
Хидроцентралите ќе ги градат две италијански и осум македонски компании. Договорите за концесија денеска се потпишаа во Министерството за економија.
Малите хидроцентрали, како што истакна министерот за економија Ваљон Сарачини ќе се градат на реките Бистрица, Пена, Брза Вода, Крива Река, Одранска, Беловишка, Бачишка, Јабланица.
Тој потенцира дека со овие нови договори вкупната бројка потпишани договори за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични центрaли ќе изнесува 68.
– Во досегашниот период од 2007 – 2011 година беа потпишани 47 договори за концесија за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи, со вкупен инсталиран капацитет од 34,7 MW и очекувано годишно производство од 140 GWh.
Ова е последна постапка за доделување концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи што ја спроведува Министерството за економија. Наредната постапка согласно Законот за води ќе ја спроведе Министерството за животна средина и просторно планирање.
Извор:ДНЕВНИК