Пред неколку недели во Македонија се пренесе веста дека во Куманово постои мини постројка за произведување на нафта од пластични шишиња. Голем број луѓе беа зачудени како тоа е можно, некој ова го потсети на идејата од филмот “Back to the Future” каде колата што патуваше низ времето користеше пластични шишиња како главно гориво.
Но оваа идеја не е нова и за жал не е македонска оригинална идеја. Како што веќе можете да претпоставите, оваа идеја по прв пат ја пласирале Јапонците. Во Јапонија веќе постои голем број како на мини – home made постројки, така и големи генератори за производство на гориво од отпадна пластика.
Главен недостиг на мини – home made постројки е тоа што како нуспроизвод на овој процес се јавуваат штетни гасови (хлор), како и други штетни емисии на гасови, што можат да предизвикаат озбилни здравствени проблеми (канцер).
Покрај овие мини постројки, постојат и големи генератори за производство на гориво од искористената пластика. Како пример на една ваква постројка ќе ја претставиме компанијата Envion. Реакторот го произведува горивото, така што пластичниот отпад термално се разградува на ниски температури во вакуум. Со ваков вид на технолошки процес, околу 62% на пластичниот отпад се трансформира во нафта. Нуспродуктите во овој процес, според податоците на компанијата, се кислород, минимални количества на CO2 и околу 5% на пепел кој нема негативни ефекти на човековата средина.
Оваа постројка може да преработи до 10.000 тони на пластичен отпад и да произведува 480-800 литри на рафинирана нафта од 1 тон на пластичен отпад. Пластичниот отпад е пред се од следните видови на пластичен отпад: PET, HDPE, LDPE/LLDPE, PP, PE, PS, PVC, како и GPPS, EPS, HIPS, и PA.
Според податоците на компанијата, нафтата добиена на ваков начин чини околу 10$ по барел (1 барел = 158,9873 литри). Трошоците за обработката на пластиката изнесуваат 30$ за еден тон.
Доколку податоците што нѝ ги претстави Envion се точни, не треба да не зачуди ако во блиската иднина се појават и други постројки што го користат истиот принцип.