Пред околу три месеци пишувавме за натпреварот за зелени бизнис идеи кој се одржа во Њујорк. Дали некој од Македонија пријави свој бизнис план или иновација немаме информации, но и да пријави сигурно не влезе во потесниот круг на финалисти. Molly Morse од Mango Materials беше прогласена за победник на годинашниот натпревар и е добитник на половина милион евра, додека Nick Gerritsen и Daan Weddepohl како финалисти добија по сто илјади евра. Идејата која е победник на овој натпревар е производство на биоразградлива пластика од метан која е конкурентна по квалитети и цена со класичната пластика која ја има денес на пазарот.
Molly Morse преку својата компанија Mango Materials работи на комерцијализација на оваа идеја и нејзино преставување на светот како замена за класичната пластика која преставува сериозен еколошки проблем а за која доста тоа е пишувано на блогот. Molly Morse која своето високо образование го добила од престижните Стенфорд и Корнел универзитети е инжинер по биопластика и биокомпозити. Mango Materials е основана во 2010 година, додека првата финансиска инвестиција компанијата ја добила во 2011 година. Во моментот сеуште не нудат материјали на пазарот, но се надеваат сето тоа да се промени во блиска иднина.
Според Molly Morse најголемата придобивка од нејзината иновација која ја има патентирано е тоа што на купувачите би им се понудило да купуваат производи кои би биле изработени од биоразградива пластика а со тоа би ја заштитиле околината од класичната пластика чија “разградливост” е добро позната. На наградата која ја добија пред се гледаат како на еден импулс во развојот на нивната компанија и пред се како една одлична промоција на нешто што се надеваат ќе биди хит на пазарот во периодот кој доаѓа.