Ако 80 отсто од станарите треба да пресудат за исклучување од парно, се загрозува правото на избор, смета Организацијата на потрошувачи
Додека Регулаторната комисија за енергетика го крои новиот Правилник за снабдување со топлинска енергија, потрошувачите бараат да се слушне и нивниот глас, а не само да се гледа интересот на „Топлификација“.
Клучните измени во овој документ се однесуваат на оние што ќе сакаат да се исклучат од мрежата на „Топлификација“. Се’ поизвесно е дека ќе мора корисниците на парно кои живеат во зграда да бараат согласност од 80 отсто од станарите, но не се знае колкав ќе биде фиксниот износ што ќе мора да го плаќаат тие што ќе се исклучат.
За тоа колкав ќе биде процентот што ќе се плаќа секој месец и доколку корисникот излезе од мрежата, никој не открива.
Од „Топлификација“, како и до сега, немаат коментар, а од Регулаторната комисија за енергетика велат дека процентот ќе зависи од квадратурата на станбениот простор.
Организацијата на потрошувачите на Македонија деновиве упати конкретни забелешки за новиот Правилник до Регулаторната комисија за енергетика. Тие сметаат дека за овие прашања кои ги засегаат потрошувачите потребна е поширока дебата, па дури предлагаат да се направи и анкета за да се види какво е мислењето на тие што се исклучени и на оние што не се. Тие не се априори против донесување нови правила, но бараат дискусија. Во забелешките на Организацијата на потрошувачи се вели дека правилата се нејасни и дека има одредби кои можат различно да се толкуваат, а кои ќе придонесат договорите со корисниците понатаму да можат да бидат предмет на судско разгледување и постапување.
Според нив, најпроблематично е решението со кое тие што сакаат да се исклучат треба да добијат согласност од 80 отсто од потрошувачите кои живеат во колективните објекти. ОПМ смета дека можело да се поднесе такво барање без условување.
„Се поставува прашање, како овој член ќе се одрази на веќе исклучените станари и дали и за нив ќе бара таа согласност, иако се веќе исклучени. Новите баратели за исклучување ќе бидат доведени во нерамноправна положба со веќе исклучените заради измена на условите и воедно ќе биде повредено правото на приватност ’секој кој сака да се исклучи, ќе зависи од неговите соседи‘. Со ова се доведува во прашање едно од основните потрошувачки права, а тоа е правото на избор“, стои во забелешките што ОПМ ги достави до Регулаторната комисија.
Според нив, проблематично е тоа што исклучените ќе мораат да го плаќаат фиксниот дел од надоместокот за топлинска енергија.
„Се поставува прашање од кои причини регулаторот не го предвидел фиксниот дел, колку изнесува и на кој начин се утврдува тој. Потрошувачите имаат право да го знаат тоа, со цел да согледаат на кој начин исклучувањето со сите параметри ќе влијае на семејниот буџет и на нивната одлука за исклучување, односно останување во системот. Оние потрошувачи кои веќе се исклучиле не се споменуваат, па од таа гледна точка се поставува прашањето дали и за нив ќе важат овие правила, имајќи ги предвид реакциите на граѓаните за вложувањата во нови грејни системи за затоплување на станбената површина во која живеат“, забележуваат во ОПМ. (С.М.)
Извор: Утрински весник