Благодарејќи на добрите луѓе од музејот на градот Битола, денес ќе ви прикажеме текст кој што зборува за првата термоцентрала во Битола.
Звуците на барабаните во „Градот на Конзулите” не беа омилени, зашто речиси секогаш барабанџиите соопштуваа непријатни вести. Но, на 23 декември 1924 година граѓаните на Битола беа повикани за да им биде соопштено дека следниот ден околу 17 часот ќе биде пуштена во работа првата електроцентрала во Битола. Веста молскавично се прошири така што следниот ден беше дочекан со големо нетрпение.
На 24 декември попладнето Широк Сокак и просторот околу Саат Кулата беа преполни со народ. Никој не сакаше да си ја ускрати можноста да го доживее првиот блесок на „електричното сонце” во својот град. Конечно, дојде и толку долго очекуваниот час, кога Симеон Бундалевски од својата канцеларија на Широк Сокак, телефонски му нареди на машинистот, Австриецот Франц Тројнко, да ги активира машините и да ги запали електричните светилки низ битолските улици. И тогаш, околу 17 часот, битолските улици ги огреаја електричните светилки, а тишината ја распараа извиците на одушевување од насобраниот народ. Највесела и најбучна беше младината на своето омилено корзо.
Одушевувањето и коментарите предизвикани со пуштањето во работа на првата термоцентрала долго време не стивнуваа. Битолчани беа горди што само по 3—4 години по скопјани и тие добија електрично осветление. Беа задоволни што и од битолските улици ја снема темнината. Α Битола во тој период, според официјалните податоци, имаше 235 улици во должина од 30 километри, 7.000 згради и близу 30.000 жители. Речиси сите улици беа осветлени, а од деловните објекти електрично осветление воведоа кафеаната „Босна”, Слаткарницата на Пешка, Кафеаната на Лазо Лесковчанин, битолската Филијала на Франко-Српската банка, а исто така електрика поседуваа и Општината и Жупанијата.
Според евиденцијата на Електроиндустријата „Битола”, во Битола тогаш биле поставени 4 трансформаторски станици и водови на низок и висок напон во должина од околу 9 километри за што била потрошена 3,5 вагони бакарна жица. Значи, оваа електроиндустрија била подготвена, со својот инсталиран капацитет од 210 коњски сили, да задоволи голем број потрошувачи. Но, за жал, потрошувачката на електричната енергија била сосем мала и главно се движеше од 10 — 25 киловати дневно. Широката потрошувачка на која најмногу се сметаше не се одвиваше според очекувањата. Електрично осветление воведоа само неколку битолски домаќинства (основачите на Термоцентралата и некои општински функционери).
Извадок од трудот: ПРВАТА ТЕРМОЕЛЕКТРОЦЕНТРАЛА ВО БИТОЛА
Автор: Кирил Добрушевски
Сепарат на Списанието „Развиток“ бр. 1 – 2 / 1975 г
Издавачка дејност „Развиток“ при НИУ Битолски весник – Битола, Мај, 1975 година