Според локалните власти во Агартала, главниот град на Трипура, сојузна држава во североисточна Индија, овој град ќе биде првиот град во регионот кој ќе биде напојуван од соларна енергија. Целта на администрацијата е да ја намалат зависноста на градот од фосилни горива и да заменат барем 10% од потребната енергија која доаѓа од термоцентрали, со соларна.
Во планот е предвидено вградување на соларни системи за топла вода во сите хотели, училишта, интернати, старски домови, здравствени установи, административни згради, храмови, домови, како и низ голем број други градби низ Агартала. Исто така, се планира уличното осветлување, како и осветлувањето на јавни објекти и простори да биде целосно снабдено со енергија од соларни панели.
-Соларната енергија е одржлив извор на енергија, како за оддалечени места, така и за урбани средини. Кризата со недостатокот на електрична енергија нема да се реши доколку не употребуваме неконвенционални извори како сончевата енергија, и тоа во голема мерка – вели министерот за урбан развој Маник Деј, за време на пуштањето во работа на 50 киловатна соларна централа инсталирана на покривот на општинската зграда.
Во моментов, 750 села во далечни предели на Трипура се напојуваат со помош на соларна енергија, обезбедувајќи со тоа околу 35000 семејства со електрична енергија. Под надзор на Агенцијата за развој на обновлива енергија на Трипура, околу 80000 сиромашни семејства добиле соларни фенери како во рурални, така и во урбани средини, а биле инсталирани и околу 66000 соларни панели за топла вода.
Претставници на општинскиот совет на Агартала изјавуваат дека овој амбициозен план е поддржан со 81 милион долари,од кои 90% доаѓаат од индиското Министерство за нова о бновлива енергија, а останатите 10% од властите во Трипура.
Планот за Агартала е само дел од една поголема идеја на индиската влада да претвори 60 индиски градови во „соларни градови“ преку поддршка и охрабрување на локалните влади повеќе да користат технологии на обновлива енергија, како и да усвојат и воведат мерки за енергетска ефикасност.