Германија оствари светски рекорд во областа на сончевата енергија, кога нејзините соларни електрани за еден час во текот на попладнето на 25 мај произведоа 22 гигаватчасови електрична енергија.
Тоа одговара на силата на 20 нуклеарни централи, соопшти Меѓународниот економски форум за обновлива енергија.
Германија минатата година, по хаваријата во јапонската нуклеарна централа Фукушима одлучи постепено да ја напушти нуклеарната енергија. Берлин планира нуклеарната енергија да ја замени со обновливи извори, како ветерот, сонцето и електраните кои работат на биомаса.
Пресметаната сила од минатата недела покажува колку силни можат да бидат соларните електрани во идеални услови. Никогаш претходно ниту една земја не произвела толку струја од Сонцето.
Германија изминатите недели неколку пати се приближи до границата од 20 гигаватчасови, а во петокот успеа прв пат да ја надмине.
Рекордното производство на соларните електрани во конкретен час можат да подмират една третина од енергетската потрошувачка на Германија. Доколку е викенд таа сила би била доволна речиси за половина од потрошувачката.
Германија има инсталирано соларни електрани со капацитет, кој одговара на силата на фотоволтаичките паркови во остатокот од светот. Земјата со сончевата енергија покрива околу четири проценти од годишната потрошувачка на струја и таа планира да стане светски лидер во користењето на обновливи извори, а во моментот со нив покрива 20 отсто од потрошувачката.
Критичарите на напуштањето на нуклеарната енергија сепак нагласуваат дека „зелената“ енергија не е „доволно доверлива“ и оти нема капацитет да ја снабдува земја со силна индустрија.
Извор: ТВ АЛФА