Процесот на создавање на интегриран регионален пазар на електрична енергија ќе биде главна тема на која ќе разговараат високи претставници на преносни систем оператори од 12 држави на Југоисточна Европа, на Самитот на преносни системи кој денеска започнува во Скопје, во организација на МЕПСО.
На самитот ќе земат учество ЕМС од Србија, ХТСО од Грција, ЕСО од Бугарија, ТЕИАС од Турција, ХЕП од Хрватска, ЕЛЕС од Словенија, Транселектрика од Романија, ОСТ од Албанија, КОСТТ од Косово, НОС од БиХ и ГЦЕС од Црна Гора.
Либерализацијата на пазарот на електрична енергија е голем предизвик, а воедно и главен приоритет во агендите на сите влади во државите на ЈИЕ. Сите преносни систем – оператори се наоѓаат пред предизвикот да ги имплементираат реформите преку кои ќе се создаде интегриран пазар на електрична енергија.
Процесот на либерализација има за крајна цел да овозможи зголемена конкурентност меѓу производителите, да доведе до компетитивни цени на енергијата преку примена на креативни решенија и модели од тие што ја произведуваат, пренесуваат и продаваат електричната енергија.
Овој самит нуди можности за сите земји учеснички да стане збор за заеднички теми и отворени прашања, а нуди и можност да се постигне целта – создавање на регионален интегриран пазар на електрична енергија.
Извор:НетПрес