На состанокот на Меѓународната агенција за енергетика (International Energy Agency -IEA) кој беше одржан претходната недела беа сумирани некои од истражувањата и беше заклучено дека светот има само пет години да преземе посериозни мерки за справување со климата пред да се влезе во еден неповратен циклус на климатски промени кои ќе резултираат со екстремни временски услови. Како заклучок од средбата беше речено дека „со моменталните трендови на зголемената употреба на фосилни горива ќе се доведеме до неповратни и потенцијално катастрофални климатски промени”. Имено, беше заклучено дека државите мора итно да преземат чекори кон подобрување на ова поле и кон транзицијата кон други почисти видови на енергија.
Ретко кој повеќе се сомнева во вистинитоста на овие тврдења. До неодамна една група научници кои беа познати по своите сомнежи за климатските промени дојде до податоците за глобалните температури и за нивното движење во последните два векови. После нивната анализа и тие дојдоа до заклучок дека климатските промени се вистински и дека земјата навистински се загрева. Со нивната согласност замолкнаа и последните скептици. Барем оние кои се сметаат за релевантни во областа.
Каде е Македонија во цела оваа приказна тоа е друг момент. Доста е пишувано за влијанието на климатските промени врз подрачјето на Македонија. Но сепак многу малку е направено за справување со нив. Мал број на ЦДМ проекти беа изведени, инвестициите во обновливи извори се незначителни, за нови не станува збор со оглед дека цената за произведена електрична енергија од нив се намалува, малку или воопшто се води сметка за емисиите на гасови од постоечките индустриски објекти и како врв на сè, сериозно се разсмислува за рестартирање на топилницата во Велес, па макар и на друга локација надвор од Велес како што се предлага деновиве.