Научниците од Caltech Институтот развија преносни тоалети со уред за прочистување на отпадната вода, напојуван од соларни панели, кој би требало да реши голем број санитарни проблеми во неразвиените земји, посебно во Африка.
Овој нов санитационен систем е сличен со стандардните преносни тоалети кои може често да се видат покрај градилишта или на рекреациони места. Системот има фотоволтаичен (соларен) панел кој ја претвора сончевата енергија во електрична, доволна да напојува еден електрохемиски реактор во кој отпадната вода се разградува и се добива водород. Потоа тој водород може да се складира за подоцна да се употреби за ноќна работа или во денови со слаба сончевост. Тимот од институтот планираат да го доразвијат концептот со вградување на самочистечки механизам на тоалетот, кој исто би се напојувал од сонцето и водородот.
Од институтот проценуваат дека еден ваков тоалет би чинел околу 2000 долари, но при масовно производство цената сигурно би била пониска. Понатамошното одржување на тоалетот би било минимално, со оглед на тоа дека самиот се прочистува и се напојува, што е речиси идеална опција.
Според водачот на тимот, Мајкл Хофман, „траењето на животниот век е тесно поврзано со пристапот до чиста вода и санитарните услови. Сите наши напори во развојот на медицината може да паднат во вода ако не се грижиме за хигиената“.
Според Светската здравствена организација, во светот има околу 2.6 милијарди луѓе кои немаат пристап до чиста вода за пиење, но и со големи санитарни проблеми. За жал, би можеле и ние да се вброиме во нив, бидејќи речиси и да нема јавни тоалети во Македонија. А и да ги има, не се одржуваат редовно, па од нив се шири непријатна миризба, а и потенцијална опасност за заразни болести. Скоро и да нема странски турист (па и многу наши граѓани) што не се соочил со тој проблем. Можеби еден ваков „соларен тоалет“ би можел да биде решение за санитарните проблеми во земјата, посебно во туристичките места и во руралните средини каде сè уште канализацијата не е пристигната и во 21 век.