Кога ќе се спомне отпадна вода, прво нешто на што помислуваме е нешто валкано, неупотребливо, па дури и одвратно. И не сме далеку од вистината. Отпадни води настануваат на многу места, на многу начини и во големи количини. Се добиваат во металната индустрија, кланиците, текстилната индустрија и… па, канализацијата. Во најголемиот број случаи таа вода е неупотреблива и најчесто штетна.
Ништо чудно што не ни сакаме да помислиме што сè би можело да има во отпадната вода и сакаме да сме што подалеку од неа. Но не сме. Скоро сите наши поголеми реки се во помала или поголема мера загадени. Колку за илустрација, водата во нашата најголема река Вардар во поголемиот дел од течението низ Р. Македонија е од четврта и петта категорија, што значи најзагадена. Истото се однесува и за неговите најголеми притоки Црна и Брегалница.
Во последните години сведоци сме на преземање на одредени чекори во прочистување на водите и намалување на нивното загадување, пред сè со поставување пречистителни станици како оние на нашите најголеми езера, Охридско и Преспанско, каде се врши обработка на отпадните води. Обработката на отпадните води е процес на отстранување на загадувачите од отпадната вода. Вклучува физички, хемиски и биолошки процеси за отстранување на физички, хемиски и биолошки загадувачи. Целта на процесот е добивање на обработен отпаден поток и цврст отпад или тиња погодни за испуштање или повторна употреба назад во животната средина.
Отпадната вода може да се обработи блиску до местото каде се создава (во септички тенкови, биофилтри или системи за аеробна обработка) или собрана и пренесена преку мрежа од цевки и пумпи до општинската постројка за обработка. Собирањето и обработката на отпадната вода обично е предмет на локални и државни регулативи и стандарди. На индустриските извори на отпадна вода често им се потребни специјализирани процеси на обработка.
При конвенционалната обработка на отпадна вода постојат три чекори: примарен, секундарен и терциерен. Примарната обработка се состои од привремено држење на отпадната вода во мирен басен каде тешките цврсти материи можат да се исталожат на дното, додека маслото, маста и полесните цврсти материи испловуваат на површината. Смирените и пловечките материи се отстрануваат, а преостанатата течност може да се испушти или да подлежи на секундарна обработка. Со секундарната обработка се отстрануваат растворените и суспендирани биолошки материи. Секундарната обработка најчесто се изведува од автохтони, водни микроорганизми. При секундарната обработка може да е потребен сепарациски процес за да се отстранат микроорганизмите од обработената вода пред нејзиното испуштање или терциерна обработка. Терциерната обработка понекогаш се дефинира како нешто повеќе од примарната и секундарната. Обработената вода понекогаш се дезинфицира хемиски или физички (на пример со лагуни и микрофилтрација) пред испуштањето во поток, река, езеро, брег, лагуна или мочуриште, или може да се користи за наводнување на голфски терени или паркови. Доколку е достатно чиста, таа може исто така да се употреби за обнова на подземните води или во земјоделски цели.
Дополнителна корист има од одпадните води од канализацијата, од кои со анаеробна дигестија се добива биогас. Анаеробна дигестија претставува процес во кој микроорганизми го разградуваат биоразградливиот материјал во отсуство на кислород. Процесот се одвива во постројка наречена дигестор, при што прво се отстрануваат нерастворливите материи од водата, како јаглехидрати. Потоа, низ серија на процеси на разградување со помош на повеќе видови бактерии, како крајни производи се добиваат биогас (метан), јаглерод диоксид и цврст отпад (дигестат). Понатаму, метанот може да се користи за производство на електрична енергија на самото место на постројката или за друга намена.
Цврстиот отпад претставува остатоци од првобитниот материјал (отпадната вода) кои микробите не можат да ги искористат (обработат). Дигестатот е материја богата со минерали, целулоза и остатоци од мртвите бактерии од дигесторот. Во основа тој е многу сличен на компостот, па наоѓа примена за ѓубрење на растенија.
Како последен производ на анаеробната дигестија се добива, секако, вода. Но таа не е доволно чиста за да се врати директно во водените текови или езерата, па потребна е нејзина конвенционална обработка.
Сè на сè, очигледни се придобивките од обработка на водата и градење на пречистителни станици и дигестори. И покрај големиот број најави за остварување на вакви проекти, посебно пред избори од страна на секоја партија, досега во Македонија не е изграден ни еден дигестор, па сè уште водите од канализација се влеваат во нашите реки и езера, а ретко кој индустриски капацитет ја пречистиува водата пред да ја исфрлат. Сега имаме нова влада, изборите се одамна завршени и одморите се при крај. Да се надеваме дека надлежните овојпат ќе бидат поагилни по ова прашање. И нека помислат на ОВА при секоја посета на WC-то.
One Comment
Снегулка
Ми се допаѓа текстот Втор живот за отпадните води.