Термоелектричните централи кои произведуваат енергија за функционирање на постројките за прочистување на водата и обезбедуваат пивка вода за нас, се најчесто истите оние кои ја загадуваат атмосферата со испуштање чад и честици, со што се создава смог, што конечно доведува до кисели дождови и други последици од загадувањето.
Еден начин за справување со овој проблем е напојување на филтер-станиците со помош на електроцентрали со нулта емисија на стакленички гасови.
Во Феникс, Аризона, SunPower Corporation изгради соларна централа со моќност од 7.5 MW со чија помош треба да се обезбеди доволно енергија за работа на постројката за прочистување на водата. Соларната централа се состои од 22936 фотоволтаични панели, секој со моќност од 327W. Се очекува соларната централа да донесе заштеда од 15 kWh електрична енергија на годишно ниво. Со просечна цена на електричната енергија во САД од $0.11/kWh, заштедата во пари би изнесувала 1.65 милиони долари годишно, додека на филтер-станицата би ѝ донела вкупна заштеда од 4 милиони долари за 20 години.
-Со повеќе од 300 сончеви денови во годината, Феникс е идеално место за искористување на соларната енергија. Прочистителната станица е само последната во низата на локации каде користиме соларна енергија со цел да се нагласи посветеноста на градот кон одржлив енергетски развој – рече градоначалникот Грег Стентон.
Овој проект градот Феникс го реализира преку јавно-приватно партнерство со компанијата SunPower и инвестициската компанија Wells Fargo. Според договорот, централата која ја изгради и ќе ја одржува SunPower е во сопственост на Wells Fargo, додека градот ќе ја откупува произведената електрична енергија по цена конкурентна со пазарната. Со тоа се добива чист и одржлив извор на енергија за пречистителната станица, без ризик од покажување на цената на енергијата и без капитални инвестиции од страна на градот.