Сопствениците на домови, како и на деловни објекти, отсега ќе можат да произведуваат чиста енергија со поставување на мали соларни панели на само дел од покривот на нивниот објект.
Според Ден Пезолт, маркетинг директор во американската компанија Dow Solar, со инсталирање на нивната соларна шиндра на само 25-45% од покривната површина на домовите, може да се добие систем за генерирање на енергија за задоволување на најголемиот дел енергетски потреби на еден просечен дом. За споредба, класичните соларни панели кои се инсталираат на резиденцијални објекти, најчесто задоволуваат 40-60% од потребите за електрична енергија на домот.
Соларната шиндра изгледа многу слично на класичната, асфалтна шиндра, со единствена разлика што има тенкослојни соларни ќелии на својата површина. Тие се дури и дизајнирани да можат да се вклопат со стандардните плочки. За таа намена, дизајнерите во компанијата вградиле plug-in приклучок на секое парче соларна шиндра преку кој се поврзува со наредната, со тоа создавајќи ја неопходната електрична врска помеѓу соларните ќелии.
-Успеавме да ја тргнеме настрана сета комплицирана работа со електричната инсталација. На овој начин секој градежен работник ќе може да поставува соларна шиндра. Само треба да намести една плочка, го поставува приклучокот и продолжува со наредната плочка – вели Пезолт.
Со поставување на ваков вид на покрив, може да се постигне нулта нето енергетска потрошувачка во домот. Концептот на нулта нето потрошувачка на енергија значи дека сите енергетски потреби во домот се стоотстотно задоволени. Идеално, вишокот количество енергија што во текот на денот ќе го произведе соларниот систем, може да се продаде на електродистрибутерската компанија, а во текот на ноќта да се троши од мрежата исто или помало количество на енергија.
За жал, за разлика од САД и западноевропските земји, кај нас оваа можност сè уште ја немаме.