Технологијата на топлинска соларна енергија направи голем исчекор напред со соработката меѓу Одделот за обновлива енергија на американската компанија 3М и Gossamer Space Frames. Двете компании објавија дека развиле нова технологија за правење на параболичен соларен колектор кој треба значително да ги намали трошоците и опремата за системите за концентрирана соларна енергија. Системите на концентрирана соларна енергија претставуваат системи каде сончевата светлина се насочува (концентрира) со помош на огледала и потоа се претвора во топлинска, а таа пак во електрична.
Новиот колектор на 3М и Gossamer е наречен Large Aperture Through (LAT 73). Тој има фактор на концентрација поголем од 100 и ширина на апертурата од 7.3m. Исто така, опремен е и со високорефлектирачкиот Solar Mirror Film 1100, производ на 3М. Овие панели се полесни од обичното стакло за цели 50%, а овозможуваат рефлексија на светлината со фактор од 94.5.
Панелите се комбинација од високи оптички можности и лесен материјал, што заедно овозможуваат да се направи колектор со голема апертура. Овој систем веќе бил одобрен за употреба од страна на американската Национална лабораторија за обновлива енергија (NREL), од каде измериле оптичка прецизност од повеќе од 99%. Имајќи ги предвид сите овие карактеристики, од двете компании предвидуваат дека со овие колектори би се намалиле трошоците 25% при изградба на централа за концентрирана соларна енергија.