Повеќето од нас имаат по некоја навика со која мислиме дека ѝ правиме усулуга на околината и е наш начин да придонесеме во борбата за справување со климатските промени. Некои рециклираат сè што можат, некои користат штедливи светилки подома, некои користат соларни панели, додека повеќето од нас перат и го грејат бојлерот кога е евтината струја. Веројатно таа навика ќе стане практика кај повеќето Македонци со оглед на цената на струјата која за жал на граѓаните се очекува да расте. Во продолжение едно мало појаснување за некои заблуди и зелени митови кои ги има меѓу луѓето, а кои се однесуваат на околината, енергијата и некои тесно поврзани теми со нив.
5. Апаратите не трошат енергија кога се исклучени!
Дека апаратите не трошат енергија кога се исклучени е погрешно мислење. Апаратите трошат енергија кога се исклучени. Воглавно тоа се однесува кога се на стенд бај модот. Според некои пресметки од одредени американски интитути, во просек нешто повеќе од 5% од сметките за електрична енергија отпаѓаат на овој вид на енергија. Исто, во контекст на ова и тоа дека ако го оставате полначот на штекер тој сепак троши одредено мало количество на енергија кое ќе значи десетина денари плус на сметката на струја. Сево ова е нешто што лесно се проверува и секој може да се увери без некој поголем проблем во вистинитоста на овие тези.
4. Енергетска ефикасност и енергетска заштеда се едно исто.
Иако ова е земено како здраво за готово од повеќето луѓе, реалноста е дека повеќето од луѓето секогаш ги ставаат во ист контекст двете работи иако станува збор за две различни категории кои се од сродна област. Имено, која е разликата. Енергетска заштеда е активност чиј краен ефект е намалено користење на електрична енергија. Додека енергетска ефикасност е примена на која било технологија која троши помалку енергија отколку некоја друга технологија која ја има истата намена. Пример за енергетска ефикасност се штедливите светилки кои користат само дел од енергијата од она што би потрошиле класичните светилки, а во исто време имаат 8 до 12 пати подолг век на траење. Додека пример за енергетска заштеда е истите тие светилки да се користат само кога треба, а да се гасат секогаш кога нема потреба од нив да светат. Резултатот од купувањето на енергетски ефикасни апарати не е секогаш зголемена енергетска ефикасност. За подобра илустрација, следниот пример: ако почнат да се прават чоколадни колачи кои не дебелееат не значи дека треба да се изеде цела кутија!
3. Органската храна е секогаш подобра!
Предностите на органската храна врз остатокот е тоа што е произведена без употреба на пестициди, хемикалии, хормони за растење итн. Сето тоа е добро за луѓето од причина што се смалува ризикот од внесување на потенцијално штетни супстанции во организмот, како и фактот што почвата на која се растат е заштитена од отровни хемикалии. Така поставени работите звучат како со тоа што се купува органски произведена да храна ѝ се прави услуга на околината и на цела планета во глобала.
Тоа е така освен кога не е така
За добар дел од храната која се наоѓа во супермаркетите е потребно да се транспортира од фармите каде се произведува. Притоа често се транспортира со авиони, возови или со камиони. Сите тие на свој начин ја загадуваат планетата. Така што, кога ќе се соберат сите тие километри кои се потребни да се транспортира храната до купувачите, се добиваат доста големи емисии на гасови. Така, со конзумација на органска храна може да си правиме услуга на себеси, но не и на околината. Решението е да се купува органска храна од локални фарми за производство на истата.
2. Хибридните возила се поекономичен избор од класичните возила.
Ова е делумна вистина од следната причина. Иако помалите хибриди се најекономични возила, реалноста е дека поголемите хибриди како што се некои големи SUV хибриди имаат многу поголема потрошувачка од добар дел од малата класа на автомобили кои ги придвижува бензински мотор. Така што повеќето автомобили од помалата класа трошат многу помалку денари по километар отколку големите хибриди.
- Садењето на дрва ќе придонесе во борбата против климатските промени и глобалното затопување.
И ова е уште една делумна вистина која треба да биде дообјаснета. Според една скорешна студија садењето дрва придонесува за борбата против климатксите промени само ако дрвата се посадени во тропските делови од екваторот. Додека влијанијата кои ги имаат дрвата врз климата во другите делови од светот се минимални или никакви. Сепак, неоспорен е фактот дека позитивно влијаат врз квалитето на воздухот и би било потполна глупост поради тој факт да ги игнорираме сите останати позитивни ефекти од дрвата и да престанеме да ги садиме.