Електричните возила сè повеќе се наметнуваат како алтернатива на традиционалните превозни средства, чие функционирање доведува до испуштање на штетни гасови во воздухот. Но, електричните возила моментално се соочуваат со неколку проблеми кои ја попречуваат нивната масовна употреба. Меѓу поголемите недостатоци се високата цена и ограничената енергија што ја добиваат од батериите.
Една од алтернативите, според истражувачите на Универзитетот Дрексел, е употребата на суперкондензатори, кои најчесто се користат за напојување на роботи или бек-ап компјутерски системи.
Опишувајки како функционираат, д-р. Јути Гогоци, професор по наука и инженерство на материјали, вели дека суперкондензаторите служат како уреди за складирање на енергија кои можат да се вградат во електричните или хибридните возила и да служат како извор на енергија.
Батериите ја чуваат енергијата во хемиска форма или со помош на супстанции кои при реакција ослободуваат електрична енергија. Но, суперкондензаторите, како и сите кондензатори, ја чуваат енергијата во електростатичко поле, при што се натрупува електричен полнеж на двете електроди. За разлика од стандардните батерии за електрични возила, кондензаторите можат да се полнат и празнат за неколку секунди и можат да издржат илјадници циклуси на полнење и празнење.
Истражувачите потенцираат дека тие се идеални за апликации каде акумулирањето или ослободувањето на енергија за краток период е многу важно, како на пример при кочење или слични дејства каде е потребен краткотраен излив на поголема количина енергија. На пример, користењето на оваа технологија кај автобусите би довело до намалување на емисиите на стакленички гасови за 30%.
Професорот Гогоци нагласува дека суперкондензаторите можат да станат битен дел од потрагата за одржлива „зелена“ енергија, особено во транспортот, како што тоа е случај во Германија. Имено, во Манхаим, тролејбусите и трамваите во кои се вградени вакви уреди користат и до 30% помалку енергија во споредба со другите превозни средства од ист тип. Исто така, суперкондензаторите сега се вградувааат и во шпански и француски возови и хибридни автобуси, како и на друга опрема која се користи насекаде во светот, како камиони за ѓубре или кранови.
Иако изгледаат доста привлечни за употреба кај електричните возила, сепак треба сè уште да се работи на суперкондензаторите. Според американската Национална лабораторија за обновлива енергија, ослободената енергија од овие уреди е достапна само еден краток период, а и брзината на само-празнење е многу поголема отколку кај конвенционалните батерии.
-Не постои совршено решение за складирање на енергија. Можеби батеријата од иднината ќе биде некој хибрид од батерија и суперкондензатор кој ќе ги поседува својставата на долговечност, брзо полнење и големата количина на енергија на суперкондензаторите и големата густина на енергија на батериите – вели проф. Гогоци.
One Comment
Добри Чундев
Доколку ве интересира повеќе на оваа тема, имам докторирано за хибридни и електрични возила кои применуваат супер-кондензатори. Имам и книга објавено која е издадена од германски издавач.