Ако се земат предвид досегашните искуства со парното греење, односно неединството меѓу станарите во повеќето згради по прашањето дали да се исклучат или да го задржат парното, станува јасно дека скопјани ги очекуваат нова голгота преговори и убедувања со соседите.
Според најавите, веќе од 2016 година жителите на Скопје ќе можат да почнат да го користат синото гориво
Гасификацијата отвора можност за поевтинa топлинска енергија. Нови преговори и караници со соседите ги очекуваат македонските граѓани што живеат во колективни станбени објекти, а кои ќе сакаат да ги искористат придобивките од гасификацијата, односно да се греат на природен гас. Тие ќе мора да ги убедат сите станари од зградата дека со греење на гас може да заштедат на трошоците за затоплување од 20 до 30 отсто. Според најавите, веќе од 2016 година жителите на Скопје ќе можат да почнат да го користат синото гориво во своите домови, но енергетичарите објаснуваат дека за тоа ќе биде неопходно сите станови во една зграда да се префрлат на гас.
Законски измени
Ако се земат предвид досегашните искуства со парното греење, односно неединството меѓу станарите во повеќето згради по прашањето дали да се исклучат или да го задржат парното, станува јасно дека скопјани ги очекуваат нова голгота преговори и убедувања со соседите.
– Ние не можевме да се договориме дали да формираме заедница на станари или да ангажираме фирма што ќе се грижи за одржувањето на зградата, а не па да се договориме да се префрлиме на гас. Целата зграда има 47 стана – коментира скопјанецот Давор Мицковски.
Од друга страна, и одредбите донесени од Регулаторната комисија за енергетика, со кои граѓаните што не се греат на парно мора да платат трошоци, доколку не се исклучи целата зграда, може дополнително да го стават испорачувачот на топлинска енергија во поповолна ситуација. Бидејќи власта ја најави гасификацијата како реалност, неизбежно се поставува прашањето дали одредбите за задолжително плаќање фиксен надоместок за топлинска енергија за потрошувач што не е приклучен на грејната инсталација на објектот за греење ќе останат и во иднина.
– Во услови кога процесот на гасификација на скопскиот регион се наоѓа во фаза на студија за оправданост сѐ уште не може да се даде конкретен одговор на поставените прашања. Истата таа се проучува и се анализира од страна на Регулаторната комисија за енергетика, а исто така во иднина ќе се следат случувањата на пазарот со природен гас и, доколку се јави потреба од измени и дополнувања на подзаконските акти, тие ќе се спроведат – велат Регулаторната комисија за енергетика.
Новиот оператор што ќе го добие тендерот за гасификација на Скопје ќе треба да ги намами граѓаните да се префрлат од веќе прифатениот начин на греење на новиот.
Операторот ќе примамува муштерии
Операторот ќе има предност пред компаниите-оператори на постојните системи за греење, бидејќи кај гасот нема загуби во дистрибуцијата, додека кај парното има. Од друга страна, компаниите што испорачуваат топлинска енергија односно струја се во предност, бидејќи веќе имаат потрошувачи. Затоа, за да го сменат доставувачот на енергенти, граѓаните ќе мора да бидат мотивирани.
– Затоа новиот дистрибутер за да земе дел од потрошувачите мора да биде конкурентен и да понуди пониски цени – велат упатените.
Претставниците на Организацијата на заштита на потрошувачи (ОПМ) уште при изгласувањето на подзаконскиот акт со кој стана задолжително да се плаќа надомест за парно иако станот е исклучен побараа да се поништи.
Или меѓусебен договор или нови регулативи
– Засега сѐ уште нема гас во земјава, па кога ќе дојде состојбата ќе биде поинаква. Тогаш ќе гледаме какви се прописите и дали се контрадикторни. Во суштина ќе треба станарите заедно да се договорат дали и каков енергент ќе користат. Одредбата задолжително да плаќаат трошоци домовите што се исклучиле од парно греење уште кога ја донесе РКЕ ја оспоривме заедно со уште неколку други институции, но судот одлучи дека таа треба да се применува – вели Маријана Лончар Велкова од ОПМ.
Таа признава дека може во еден станбен објект, односно зграда, да се случи некои станарите да бидат за гас, а некои за парно, но додава дека ќе мора сами да се активираат и да ги решаваат своите проблеми.
– Треба да помине време и да почнат да се приклучуваат граѓаните. Тие имаат право на избор. Сигурни сме дека кога ќе се реализира проектот самите станари ќе се организираат и ќе се договорат како ќе се греат. Доколку не успеат да се договорат, тогаш ќе мора некако да се регулира. Останува да почекаме и да видиме – додава Лончар Велкова.
Извор: Нова Македонија