Во минатиот напис зборувавме за пасивни куќи, како еден вид на нискоенергетски куќи. Денес ќе зборуваме точно за нискоенергетски куќи, автономни куќи и куќи со вишок на енергија.
Во литературата не постои точно одредена дефиниција на нискоенергетски куќи/објекти. Поради големите варијации во националните стандарди, нискоенергетска куќа направена според стандардите на одредена држава, не мора да биде нискоенергетска куќа според стандардите на некоја друга држава. Во Германија нискоенергетска куќа (Niedrigenergiehaus) има ограничување во трошењето на енергија за греење од 50 kWh/m2 на годишно ниво. Во Швајцарија нискоенергетската куќа е дефинирана според MINERGIE стандардот. Според овој стандард, за греење не смее да се потроши повеќе од 42 kWh/m2 на годишно ниво. Во Хрватска под нискоенергетска куќа се смета куќа која не троши повеќе од 40 kWh/m2. Во јужните делови на Хрватска оваа вредност оди и под 40 kWh/m2, поради поволните климатски услови.
Ниско енергетските објекти, по правило користат голема топлотна изолација, енергетскi ефикасни прозорци, а се заради помало трошење на енергија за греење и ладење.
Покрај овие објекти постојат и автономни куќи/објекти (autonomous building, house with no bills). Овие куќи се замислени да функционираат автономно од надворешната инфраструктура. Ова значи дека овие куќи не се поврзани на електричната мрежа, водовод, канализација и телекомуникациони системи. Овие куќи се многу повеќе од другите видови на нискоенергетските куќи – енергијата во овој случај e само еден од ресурсите за функционирање на овие објекти.
Куќи со вишок на енергија (energy plus house) се куќи кои во просек произведуваат повеќе електрична енергија во текот на годината од тоа што трошат. Оваа електрична енергија е добиена од страна на обновливи извори на енергија. Овие куќи покрај системи за производство на електрична енергија од обновливи извори, користат големо ниво на топлотна изолација, како и апарати кои се енергетски ефикасни како и енергетски ефикасно осветлување. Во некои држави постојат прописи со кои дистрибутерите на електричната енергија се обврзани да го откупат вишокот на електричната енергија произведен во овие куќи.