Календарски сме сè уште во првата половина од зимата, но температурно се чини дека го допревме минимумот. Во секој случај, градежната сезона не е далеку и голем дел граѓани веќе планираат како да го изведат покривот и со какви материјали, без разлика дали градат нов објект или се работи за подновување на стариот покрив.
Пред да се почне со конкретни планови за купување на покривни материјали, можеби треба да размислите за следниот предлог – зелени покриви. И не, не се мисли само на бојата, туку и на содржината. Имено, се работи за концепт кој станува сè попопуларен насекаде низ светот, а подразбира делумно или целосно прекривање на покривот со вегетација. Доколку правилно се изведе, зелениот покрив нуди одлична топлинска изолација преку целата година – во текот на зимата ја задржува топлината во домот, а во лето го освежува станбениот простор. Додека во лето температурата на класичните покриви може да достигне и до 65° С, кај зелените покриви таа е 16 – 17° С.
Сепак, зелените покриви не се нов изум. Старите Викинзи своите куќи ги покривале со соодветна вегетација, најчесто трева. И денес сè уште е тоа практика во повеќе северноевропски земји (види главна слика, Фарски Острови). Постојат два типа на зелени покриви: екстензивни и интензивни. Целта на екстензивните зелени покриви е да се има мала и природна вегетација на покривот која бара минимална грижа, додека кај интензивните зелени покриви има поголема можност за разновидни дизајни, па дури и за создавање на градина на покривот, доколку инфраструктурата го дозволува тоа.
За каков вид на покрив ќе се одлучите, зависи од тоа колку време можете да посветите на одржување, колку пари можете да вложите и најмногу од тоа колку вашиот покрив дозволува. Кога сме кај парите, почетната инвестиција може да биде и до двапати поголема во споредба со класичен покрив, но парите брзо се враќаат со заштеда во трошоци за енергија за греење и ладење. Доколу вашиот покрив е рамен (зграда за колективно живеење или некоја деловна зграда) можете на покривот да направите и градина од која ќе се снабдувате со свеж зеленчук кој сами сте го одгледале. Тоа дополнително ќе делува позитивно на вашиот паричник.
Предностите на зелените покриви се многу на број. Како топлинска изолација овозможуваат и до 20% помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на домот под нив, го продолжуваат векот на траење на покривот бидејќи го заштитуваат од штетно ултравиолетово зрачење, големи температурни промени и механички оштетувања. Исто така, го впиваат звукот и го намалуваат влијанието на бучавата (во зависност од дебелината на покривниот слој, намалувањето може да биде и до 40dB). Од гледна точка на заштита на околината, зелените покриви повторно имаат што да понудат. Имено, кога паѓа дожд на обичен покрив, водата го измива покривниот материјал и само истекува на улица или в канализација нефилтрирана, мешајќи се притоа со секакви загадувачи, додека кај зелените покриви водата извесно време се задржува во слојот со земја, а дел е и впиен од растенијата, па многу помали (и филтрирани) количини на вода се слеваат. Дополнително, колку повеќе зелени покриви има во една урбана средина, толку повеќе зелени површини кои придонесуваат за прочистување и освежување на воздухот.
Досега не знам за некој пример на зелен покрив во Македонија, па можеби е време овој исклучително позитивен тренд да дојде и кај нас, првенствено во државни и деловни згради, па многу набрзо и кај приватни домови.