Многумина денес се прашуваат може ли да се има енергетски ефикасен дом, а при тоа да не мора да вложуваат големи суми. Како да се достигне тоа ниво на ефикасност а при тоа да не се загрози домашниот буџет. Има неколку начини да се направи тоа а при тоа да се постигнат големи резултати. Во текстот ќе бидат набројани најбитните и најекономичните начини.
- Загревање на простории.
Минималната сума која се издвојува за загревање на домот (под претпоставка дека се користи дрво како сѐ уште најевтин енергенс и загреваме само една просторија од 15 до 20 квадрати) е 500 евра. Обично најприсутни се камините денес во повеќето домаќинства во Македонија. Тој трошок е значително поголем ако се работи за парно греење или доколку се користи електрична енергија. Најефективен начин да се преполови овој трошок е да се стави термичка изолација. Квалитетно одбрана термо изолација, во комбинација со квалитетни термо – прозори и врати ќе обезбеди помала потрошувачка на кој било вид гориво до 50%. Инвестицијата се враќа за период од 3 до 5 години во форма на заштеда на греење и плус на ладење. Многу од оние кои имаат вградено термоизолација се имаат откажано од нивните клима уреди како непотребни со оглед на погодната температура која се добива со термо изолацијата.
2. Загревање на вода.
Еден од најкористените апарати во секое домаќинство се бојлерите. Тие воедно се и едни од најголемите потрошувачи. Најдобар начин за да се намали ефектот на бојлерот врз сметката за електрична енергија е да се вгради соларен систем. Со оглед на големиот број на сончеви денови во Македонија соларните панели стануваат составен дел од многу домаќинства. Македонија има сопствено производство на соларни панели кои се нудат на пазарот по мошне конкуретни цени. Инвестицијата се враќа за неколку години, а ефектот се гледа на првата наредна сметка за електрична енергија од кога ќе се постави соларниот систем.
3. Енергетски класи.
Внимавајте на енергетската класа при купување на нови апарати. Апаратите со енергетска класа А се обележани со зелена боја и се најекономични додека апаратите кои се обележани како енергетска класа Г се најнеефикасни и трошат најмногу електрична енергија и се обележани со црвена боја.
4. Осветлување.
Заменете ги старите светилки со нови, поефикасни. Флуороцнентните трошат 75% помалку електрична енергија во однос на традиционалните жаречки светилки. Или поинаку кажано, 75% помалку пари потребни за осветлување од сметката за електрична енергија. Не само што се поекономични туку и овој тип на светилки траат речиси двојно повеќе од конвенционалните со што се заштедува на набавка на нови светилки. Сѐ на сѐ, еден од најдобрите и најлесните начини за заштеда на електрична енергија.
5.Климатизација.
Доколку купувате клима уред битното што треба да се знае е дека единствен критериум е соодветиот ладилен капацитет на просторијата што ќе се лади, а не да се прави избор според квадратурата на просторијата. Доколку некој трговец се обидува да ви продаде климатизер на основа само на кавадратурата тогаш или не знае како одат соодветните пресметки или се обидува да ви го продаде го клима уредот без разлика на сѐ друго. Она што е битно како критериум за одредување на големината на климатизерот е структурата и квалитетот на надворешните ѕидови, изложеност на сонце, големината и квалитетот на стаклената површина (прозорци и стаклени врати), внатрешни топлински извори.