Вчера Владата на Р. Македонија донесе одлука да го забрани извозот на електричната енергија и да ја ограничи потрошувачката на истата. Домаќинствата нема да бидат исклучени, но ќе се штеди на јавното осветлување. Според најавите на Владата, доколку мораат да се воведат рестрикции на потрошувачката на електрична енергија, домаќинствата ќе бидат последни кои што ќе се исклучат.
Она што можеби секој се има запрашано кога ја прочита информацијата за одлуката на Владата во врска со енергетската криза е дали и како дојдовме до ова да мораме да воведеме мерки за ограничување на трошењето на електрична енергија.
Факт е дека од кога Македонија стана независна република, во енергетскиот сектор не се инвестираше колку што требаше да се инвестира. И денес, како и пред 20 години, 2/3 од електричната енергија се добива од РЕК Битола. За овие 20 години потрошувачката на електричната енергија се зголеми, а не е изграден соодветен капацитет за производство на енергија за да ја намири растечката побарувачка. Исто така, малку е направено во имплементирање на концептот на енергетската ефикасност, па ни после 20 години немаме правилник за енергетски ефикасна градба.
Па да видиме кои се изградени капацитети за производство на електрична енергија:
ХЕЦ Козјак
Инсталирана моќност – 80 MW
Време на градење 10 години (1994 – 2004)
ТЕ ТО Скопје
Термоелектрана – топлана
Инсталирана моќност – 220 MW за производство на електрична енергија и 160 MW топлинска енергија
Време на градење 4 години (2007 – 2011)
Оваа година се очекува да се пушти во употреба ХЕЦ Матка 2 или ХЕЦ Света Петка (конечно)
Инсталирана моќност – 36,4 MW
Време на градење 7 години (2005 – 2012)
Покрај овие 3 големи инвестиции во енергетските капацитети мораме да кажеме дека ЕВН има инвестирано во модернизација на преземените мали ХЕЦ и со таа модернизација се зголемија капацитетите на исти. Исто така и ЕЛЕМ почна со модернизација на постоечките капацитети со цел за зголемување на моќноста и со продолжување на животниот век на истите, направени се генерални ремонти во РЕК Битола и со тоа е продолжен животниот век на овој капацитет.
Што се однесува на искористување на обновливи извори на енергија, ни тука не е многу направено за 20 години. Немаме изградено ниту еден ветерен парк, а искористеноста на биомасата е на многу ниско ниво. Соларната енергија е повеќе искористена,но сепак и тоа е на ниско ниво. Досега се изградени 8 соларни централи со инсталирана моќност од вкупно 1467.44 kw или да заокружиме 1,5 MW. Исто така, имаме вкупно 8 мали ХЕЦ со инсталирана моќност од 3689 kw или да заокружиме 3,7 МW. * (Агенција за енергетика).
Што се однесува до планирани електроенергетски капацитети, тоа веќе претпоставувам дека сите знаеме за кои капацитети се работи. Но да ги претставиме:
ХЕЦ Чебрен (333/347 МW) и ХЕЦ Галиште (193,5 MW) на Црна река во Мариово. Колку тендери се распишани и колку истите тие тендери пропаднаа кој ќе знае. Приказната за овие две хидроцентрали започна уште пред 50 години кога се почна со изградбата на ХЕЦ Тиквеш. Кога конечно ќе заврши приказната за овие две хидроцентрали сè уште не се знае.
ХЕЦ Бошков мост (68,2 MW) на Мала река во близина на Дебар. ЕЛЕМ доби заем за изградба на оваа централа. Почетокот на изградба се планира за оваа година. Инаку приказната за овој капацитет започна уште пред неколку децении кога Македонија беше во рамките на СФРЈ.
Брана Луково поле и ХЕЦ Црн камен со инсталиран капацитет од 5 MW. За овој проект Светската банка обезбеди поддршка. Студијата за овој проект треба да биде готова во април оваа година.
Хидроцентрали на реката Вардар. На оваа река според информациите од ЕЛЕМ треба да се изградат 12 хидроцентрали: ХЕЦ Велес (93 МW), ХЕЦ Вардарска долина – систем од 10 хидроцентрали (176,84 MW), ХЕЦ Градец (54,6 MW). Овој голем проект исто така е роден уште пред неколку децении кога Македонија беше во рамките на СФРЈ. Минатата година во медиумите се зборуваше дека кинески компании се заинтересирани за изградба на овие хидроцентрали. Да се надеваме дека овие капацитети ќе бидат изградени во најбрз можен период
ТЕ ТО капацитети. Минатата година кога почна изборната кампања СДСМ претстави проекти за изградба на 2 ТЕ ТО капацитети – еден во Куманово и еден во Струмица. За овие капацитети имаме и порано пишувано. Но, во кратки црти ТЕТО Куманово 300 MW електрична моќност и до околу 150 MW топлинска моќност. ТЕТО Струмица со инсталирана моќност од 200 MW електрична моќност и до околу 60 MW топлинска моќност. Пак ќе речам да се надеваме дека овие изборни ветување ќе бидат реализирани.
Ветерна енергија. Според директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, оваа компанија планира да изгради ветерен парк во близина на Богданци со вкупна инспалирана моќност од 36 MW. Вкупниот потенцијал на добивање на електрична енергија со користење на ветер изнесува 90-180 MW до 2020 година* (Стратегија за искористувањето на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година, МАНУ)
Гасната мрежа сè уште не е во целост изградена така што градови како што се Битола, Прилеп, Охрид… не можат да сметаат во целост на овој енергент.
ТЕЦ Неготино – едноставно немам зборови за ова.
Можеби нешто и ненамерно прескочив, но да резимираме.
Неизградени хидроцентрали кои се испланирани уште во време на СФРЈ, неизградена мрежа на гасоводи, слаба искористеност на обновливи извори на енергија како и ниско ниво на енергетска ефикасност се причини за состојбата каде денес се наоѓаме – забрана на извоз и редукција на електрична енергија. Јаката зима не може да биде изговор за ваквата состојба, но е силна опомена дека доколку одма не започнеме со изградба на гореспомнатите капацитети како и мрежи, како и со целосна примена на концептот на енергетска ефикасност во Р. Македонија и наредниот период ќе бидеме на раб на редукција на електрична енергија. И доколку не бидеме на раб таа цена скапо ќе ја платиме преку увоз на скапа електрична енергија и сè поскапи енергенти.
Вкупна моќност на неизградените капацитети:
Хидро – капацитети – 924,14 MW
TE – TO капацитети – 500 МW електрична моќност и 210 MW топлинска моќност
Ветер – капацитет 180 MW
Вкупно=1.604 МW електрична моќност и 210 MW топлинска моќност.
Мало ли је на ову скупочу? 🙂
One Comment
zvonko
eee. ovaa neznam dali nekoj vo mk ce go doceka da go vidi,da pocne da se gradi a ne pak da koristome struja od niv…////????zlatni tenderii i proviziii…..rekstrikciii ako makedonce,sega i svecite ce poskapat…..