Во склад со политиката на блогот за енергетска ефикасност задоволство нѝ е да ви ја претставиме најстарата еколошка организација во Македонија во врска со заштита на животната средина и природата – Движење за околината „МОЛИКА“ од Битола.
Во 2011 „МОЛИКА“ организираше два битни настани – на 26 март EarthHour и на 22 април EarthDay. За идните планови на организацијата, како и за еколошката ситуација во Македонија и секако за нивниот став во врска со енергетска ефикасност разговараме со претседателот на Движење за околината „МОЛИКА“ од Битола, Петар Андонов.
Како една од организациите која е долго време посветена на заштитата на човековата околина, да ли можете да нѝ ја оцените еколошката состојбата во Македонија тогаш кога почнавте и денес?
Еколошката состојба од 1989 година (од кога постои и работи нашето еколошко здружение) до денешно време постепено, но сигурно, се менува. Во овие 22 години доста работевме на подигање на еколошката свест кај граѓаните со што се поставија темелите на заштитата и унапредувањето на животната средина и природата. Исто така во овој период се донесоа неколку закони со кои се регулира заштитата и одржливоста на природните ресурси кои ги поседува Македонија.
Врз основа на досегашното искуство, што мислите каде треба повеќе да се работи за да се достигнат стандардите на ЕУ во поглед на екологијата?
Во делот на функционирањето и доследно спроведување на законските обврски. Поточно во спроведувањето на наплата кон сите прекршители кои извршиле атак на животната средина. Исто така сметам дека треба да се работи во делот на информирањето на јавноста за обврските што секој граѓанин треба да ги почитува а се однесуваат кон животната средина.
Со какви и кои тешкотии се соочувате, не само Вие, туку и други слични здруженија?
Најголема потешкотија на само за нашето еколошко здружение туки и за сите останати е обезбедувањето на финансиски средства. Во последните години донаторските куќи пополека се повлекуваат од Македонија а надлежното министерство, локалната самоуправа и останатите државни институции немаат многу помогнато со финасиски средства во развојот на граѓанските еколошки здруженија. Додека од друга страна се форсираат оние здруженија кои работаат на полето развој на демократија, човекови права и др. Затоа сметам дека имаме голем атак врз животната средина која останува само ние од граѓанските здруженија да ја заштитуваме од несовесните граѓани, големите индустриски капацитети и од останатите „моќници“ кои заради профит ја уништуваат.
Да ли имате потпора од локалните институции и ако имате како се манифестира таа потпора?
Помош од институциите имаме само вребално, додека кога ќе побараме да се финансира некоја наша активност добиваме одговор дека има нешто друго кое е поприоритетно за нивна помош.
Една сте од ретките организации која во својот состав има и подмладок. Како успевате да ги анимирате младите за оваа актуелна, но не толку атрактивна тематика како што е екологија?
Навистина може да се пофалиме со работата на нашиот подмладок кој можам слободно да кажам дека е доста активен во последните 5 години. Анимирањето за оваа проблематика кај младите е најмногу напорна но доста исполнувачка работа. Тоа го спроведуваме преку организирање на разни еколошки манифестации, собири, еколошки кампови, работилници и други настани кои се доста интересни за младите кои можат слободно да ги изразат своите идеи, ставови или други мислења.
Неспорно е дека екологијата и енергетската ефикасност се две комплементарни и тесно поврзани области. Каков е Вашиот став во врска со енергетската ефикасност?
Ако сакаме да бидеме во склад со најновите достигнувања во делот за еколошка енергетска ефикасност треба да се вложи голем труд. Посебно во делот каде секој од нас може со своите постапки да придонесе кон заштеда на енергија, внимателно користење на апаратите или препаратите.
Кои се Вашите планови, поточно дали имате некои проекти или настани на кои работите?
Од почетокот на месец Јуни 2011 до 2013 година „МОЛИКА“ ќе земе учество во меѓународниот проект за креирање на заеднички приоритети и политики кон заштита од климатските промени. Исто така, тука се редовните еколошки младински кампови, прославувања на неколку позначајни еколошки датуми и соработка со сите институции кои се трудат да придонесат кон унапредување на животната средина.
За крај, која е Вашата порака за читателите на блогот?
Заштитата, користењето, унапредувањето и одржувањето на природните ресурси зависи од секој поединец, затоа секој како единка нека се потруди максимално да ја заштитува, користи, унапредува и одржува нашата ПЛАНЕТА ЗЕМЈА.