Земјоделието е една многу интересна дејност. Тоа е стопанска гранка која освен производство на храна, може да произведува и енергија од сосема обновливи извори и на таков начин во целост да ги задоволи комплетните енергетски потреби на една фарма, па дури и вишок кој што може да се продава и на таков начин да остварува дополнителни приходи. Од техничка страна, сосема е возможно на една фарма која што има околу 11 хектари на која што се одвива мешано производство (сточарско и растително) да се произведе околу:
- 886.800 kWh топлинска енергија
- 53.450 kWh електрична енергија
Сега сте сигурно претворени во прашалник и се прашувате абе од каде толку енергија? Едноставно, доколку ја искористиме соларната енергија, енергија на ветерот како и енергијата на биомаса, биогас, биодизел, геотермалната енергија.., можеме да добиеме енергија колку што рековме.
Па да одиме по ред – на прво место е соларната енергија. За овој вид на енергија имаме детално пишувано на нашиот блог, но во кратки црти. Овој вид на енергија можеме да ја искористуваме на два начини – добивање на топла санитарна вода како и добивање на електирчна енергија. За оваа намена имате голем број на различни соларни системи. Друг начин за искористување на соларната енергија е добивање на електрична енергија со помош на фотонапонски панели.
Следниот вид на обновлив извор е ветерна енергија. Ветерната енергија е малку, ајде народски да кажеме, покомплициран извор, бидејќи ветерот нема константност- час го има колку што треба, час го нема. Фармите кои што се наоѓаат во овчеполскиот регион на пример, можат да го искористат овој вид на енергија.
Третиот извор се биогорива – биодизел, биогас, биомаса. Овие обновливи извори најчесто се користат за добивање на топлинска енергија, но и за добивање на електрична енергија. Биодизелот го добиваме од растителни култури како што се сончоглед, маслодајна репка, соја, кикирики итн. Доволна ви е обична преса која што ќе го цеди маслото. Овој вид на гориво можеме да го искористиме директно како гориво за трактори. Дури Форд го користеше биодизелот во своите први направени автомобили.
Биомасата (остатоци од растителни култури) најдобро можеме да ја искористиме за добивање на топлинска енергија – греење на домот, греење на фармата, греење на пластениците итн. Доколку имате поголеми количества на жетвени остатоци, од истите може да произведувате агро пелети или агро брикети и истите да ги продавате.
Биогасот исто така можеме да го искористиме за добивање на топлинска енергија. За ова е потребно да имате дигестор во кој што се одвива процесот на добивање за биогас. Основната суровина за добивање на биогасот е арско ѓубриво.
Во утрешниот пост подетално ќе ги објавиме цените на уредите за искористување на биогоривата, како и од кои извори можат да се финансираат инвестициите за искористување на обновливите извори на енергија.