Новото електрично возило дизајнирано од Техничкиот Универзитет од Минхен има мала тежина и голема автономија.
Изработката на прототипот на автомобилот наречен MUTE беше финансирана од Баварската истражна фондација, додека ТУМ ги задржува правата на интелектуална споственост на концептот.
Свесни дека малата тежина кај електричните автомобили е суштинска, дизајнерите на MUTE се потрудија тој да биде особено лесен. Има шасија од алуминиум, додека каросеријата е од армиран материјал од карбонски влакна.
-Поголема тежина бара поголем капацитет на батеријата за истиот поминат пат, што доведува до повисоки трошоци. Поголемата тежина исто така доведува до намалена динамика на автомобилот. Но ние сакавме да направиме автомобил што секој ќе може да си го дозволи и истовремено ќе биде забавен за возење – велат од истражувачкиот тим.
Тие исто така истакнуваат дека и покрај неговата мала тежина, материјалот од кој е направена каросеријата е доста цврст и обезбедува високо ниво на безбедност на патниците. Вклучувајќи ја и батеријата, возилото има вкупна тежина од околу 500kg.
Универзитетот го претстави својот концепт на Меѓународниот автосаем во Франкфурт.
Карактеристики
MUTE е целосно електричен, енергетски ефикасен двосед направен за патување на средно долги релации. Придвижуван е од мотор кој се напојува од литиум-јонска батерија, како и од цинкова батерија која е наменета за зголемување на автономијата на возилото. Футуристичкиот автомобил достигнува максимална брзина од 120 km/h и напојуван од двете батерии има опсег на движење до 100 km.
На развојот на концептот работеле повеќе од 200 лица од 20 оддели на ТУМ. Нивниот следен чекор ќе биде претставување на стратегија за сериско производство на MUTE, по цена спореднила со онаа на автомобилите со мотор со внатрешно согорување.