На новиот јавен повик, понудените локации за изградба на 80 мали хидроцентрали се групирани во пакети за да бидат поатрактивни за инвеститорите, вели премиерот Никола Груевски.
„Откако ги собравме мислењата од сите страни, како на експертите, стручните лица, професорите, така и на бизнис фелата, компониравме пакет во кој 48 хидроелектрани ќе бидат во 16 групи, а 32 локации ќе бидат поединечно понудени да бидат дадени под концесија. На овој начин очекуваме да привлечеме домашни и странски инвеститори“, потенцира Груевски.
Повикот за изградба на 80 нови мали хидроелектрични централи беше објавен пред 10-тина дена. Доколку сите овие енергетски капацитети бидат изградени, тие ќе учествуваат со 64 мегавати во електроенергетскиот систем на Македонија и ќе ја подобрат еколошката состојба. Нивната изградба ќе значи инвестиција од околу 170 милиони евра. Предвидено е хидроелектраните да бидат градени три години, а потоа 20 години да бидат експлоатирани од страна на концесионерот по што ќе станат сопственост на државата.
„Изградбата на малите хидроелектрани ќе има влијание и врз градежниот сектор. Ќе отвори нови работни места за време на нивната градба, но и значајна бројка на нови работни места откако ќе бидат изградени“, потенцира Груевски.