Комисијата за економски прашања не го прифати предлогот на пратеникот Изет Беќири од НДП за намалување на надоместокот што го наплаќа Регулаторната комисија за енергетика за издавање лиценци и за вршење енергетска дејност.
Зеќири бараше РКЕ да се приспособи на Владините заложби за намалување на непродуктивните трошоци и надоместокот што го наплаќа од енергетските компании да го намали од сегашните 0,042 на 0,035% од вкупниот приход во претходната година.
Не може РКЕ да остварува далеку поголеми приходи од расходите, вишокот да го префрла во наредната година, а граѓаните да плаќаат се поскапи енергенси, тврдеше Зеќири. Наместо со 900.000 евра Регулаторна може дејноста да ја финансира и со 700 000, предлагаше пратеникот од НДП.
Опозициската НСДП го поддржа Зеќири со тврдењето дека платите во РКЕ биле четири пати повисоки во однос на просекот на земјата. Власта реплицираше. Планираните средства се неопходни затоа што РКЕ има зголемени надлежности особено со мониторингот на енергетските пазари за што се планирани 5 нови вработувања, смета Владанка Авировиќ, заменик претседател на Комисијата за економски прашања.
Предлогот на Зеќири не го прифати ниту РКЕ со објаснување дека со средсвата треба да се финансираат новите ингеренции на Комисијата, што произлегуваат од новиот Закон за енергетика.
*Оригиналниот текст е превземен од: МРТ, автор: Свето Николовски, 1 мај 2012г.