Продолжуваме со написи поврзани со енергетски ефикасна градба. Денес ќе зборуваме за тоа што е примарна и електрична енергија.
Како што спомнавме во првиот дел на овој текст, енергијата која што се троши во некоја зграда се мери како примарна енергија. На пример, доколку јагленот и гасот го користиме како гориво за греење, тогаш примарната енергија од овие фосилни горива директно се трансформира во топлина.
Примарната енергија е енергија пред оваа трансформација. Примарната енергија потекнува од фосилните горива (нафта, природен гас, јаглен, ураниум) или се презема од обновливите извори на енергија (ветер, вода, сонце…).
Што е електрична енергија?
За да се обезбедат енергетските потреби на каков било објект, истиот користи различна комбинација на примарна и електрична енергија. Електричната енергија е секундарна енергија, која што се добива/произведува со користење на примарна енергија (термо, хидро, нуклеарни централи). Поради загубите кои што се јавуваат во производството и транспортот на електричната енергија, вкупно потрошената примарна енергија не се трансформира во електрична енергија. Поточно помалку од 30% на искористената примарна енергија, која што е искористена за добивање на електрична енергија се трансформира во корисна електрична енергија.
(Извор Lawrence Livermore National Laboratory)
Овој дијаграм ги покажува изворите на примарна енергија и искористеност на истите во САД во 2006 година. Термоцентралите и нуклеарните централи се најголемите производители на електрична енергија. Од 38 EJ на примарна енергија која што ќе се искористи за производство на електрична енергија 25,54 EJ оди на загуби, а најголемите загуби се во топлинската енергија – 69%!. Генерално гледано, повеќе од половина од потрошената енергија оди на загуби. Овој податок/однос е сличен и кај другите индустриски развиени држави.
Значи како што видовме, постојат големи загуби во самиот процес на производство на електрична енергија. Единствениот начин да се намалат овие загуби е да се искористи топлинската енергија која се создава во самиот процес на производство – когенерација.