Јаглеродните наноцевки досега се покажаа како навистина ефикасно средство за детектирање присуство на потенцијално опасни гасови во воздухот. Претходните методи за изработка на овие сензори од наноцевки најчество вклучуваа и употреба на опасни материјали, а загора на тоа, ниту еден од нив не беше корисен на производствено ниво.
Истражувачите од МИТ ги решиле овие проблеми со дизајнирање на едноставен и евтин начин на изработка на сензорите од наноцевки. Одговорот доаѓа во форма на молив кој наместо графитно стапче има стапче направено од компримирани јаглеродни наноцевки.
Новосоздаденото сатпче (црнка, мина) може да се користи со кој било технички молив. Со едноставно пишување со него, се нанесуваат сензори од наноцевки на хартијата која се користи. Новиот сензор може да детектира екстремно ниски количини на амонијак во воздухот, кој претставува голема опасност.
Според водачот на истражувачкиот тим, Тимоти Свегер, професор по хемија на МИТ, сензорите се многу лесно прилагодливи и можат да се направат да детектираат присуство на каков било гас.
„Убавината во ова е што можеме да правиме секакви специфични функционални материјали, кои одговараат на одредена хемикалија. Се чини дека можеме да направиме сензори за речиси сè што е штетно“ – вели проф. Свегер.
Најголемата и највпечатлива предност на овој нов процес на изработка на сензори од јаглеродни наноцевки е тоа што е евтин, и тоа значително поевтин од преостанатите методи. Друга навистина значајна предност е стабилноста на црнката (мината) за пишување.
„Не можевме ни да замислиме постабилна формула. Молекулите се практично имобилизирани“ – нагласува проф. Свегер.