Хемиските инженери од Универзитетот Пердју развија нов метод за преработка на земјоделскиот отпад и други видови биомаса во биогориво и предлагаат создавање на подвижни преработувачки постројки кои би патувале низ земјоделските региони да произведуваат гориво.
„Она што е битно е што може да се преработуваат различни видови на биомаса – трева, дрвени струганици, сено, сточна храна…“ – рече Ракеш Агравал, професор по хемиско инженерство.
Нивниот пристап прескокнува битна економска пречка кај биогоривата – транспортот на биомаса е скап заради големата количина, но течното гориво од биомаса е далеку поекономично за пренесување. Според Агравал, материјали како сточна храна или струганици имаат ниска енергетска густина. Пологично е да се преработи таа биомаса во течно гориво со помош на мобилни постројки а потоа да се пренесе до централна рафинерија за понатамошна преработка, пред да може да се користи во моторите со внатрешно согорување.
Новиот метод, наречен брза хидропиролиза-хидродеоксигенизација, работи на принципот на додавање на водород во реакторот за преработка на биомаса. Водородот за мобилните постројки ќе се добива од природен гас или од самата биомаса. Но, замислата на Агравал е водородот да се добива со хидролиза со помош на сончева енергија, со што целата технологија би станала обновлива.
Процесот, кој скратено се нарекува H2Bioil, долго време се проучува преку симулации, а моментално на Пердју се спроведуваат експерименти за практично докажување на концептот.